„Аватар 2“ заработи над милијарда долари за само 12 дена

„Аватар 2: Патот на водата“ достигна милијарда долари заработка само 12 – 13 дена откако се појави во кината ширум светот. Според последниот податок, остварувањето има вкупно 1,03 милијарди долари на својата сметка.

Продолжението на најуспешниот филм на сите времиња од 2009 година, „Аватар“, се прикажува од 16 декември, а по вториот викенд во кината ја достигна границата од милијарда долари. За неполни две седмици прикажување, тој стана третиот филм со најголема заработка во 2022 година, зад „Топ ган: Маверик“ и „Јура свет: Доминион“.

Така, вториот дел би можел многу наскоро да ја надмине вкупната заработка на првиот „Аватар“ филм, којшто има заработено над 2,9 милијарди долари, што го прави филм со најголема заработка на сите времиња.

Просечната оценка на ИМДБ за продолжението, од околу 140.000 гледачи, е 8 / 10.

Дејството се случува 10 години по настаните од првата приказна. Режиран од Џејмс Камерон, а продуциран од него и Џон Ландау, во филмот глумат и Сем Вортингтон, Зои Салдана, Сигурни Вивер, Стивен Ланг и Кејт Винслет. За сценариото се заслужни Камерон, Рик Јафа и Аманда Силвер.

Коментари

Популарно