Ангела Игеска е Македонка, родена и израсната во Германија, а Маријана Маркоска е прилепчанка која студира на универзитетот во Бон. Како се доживуваат разликите и дали Германија нуди подобра иднина отколку Македонија?
„Мајчин јазик ми е македонскиот. Прво него го научив, па потоа германскиот. Сама научив да пишувам и да читам, бидејќи тука нема школа за македонски“, вели 21-годишната Ангела Игеска. Нејзините родители пред повеќе од дваесет години се доселиле како гастарбајтери. Таа е родена во Германија, тука се школува. Како дете на доселеници била нормално прифатена од околината и лесно се адаптирала во германските училишта. Сега е на втора година на студиите по економска хемија на факултетот во градот Кил.
Прилепчанката Маријана Маркоска е на втора година на постдипломски студии на Универзитетот во Бон. Диплома призната во светот, изучување на германскиот јазик, но и предностите во образовниот систем биле мотивите за решението да се здобие со магистерска диплома во Германија. Дошла сама, на почетокот и’ било тешко, посебно со административните процедури и наоѓањето живеалиште. Прво била потстанар во Келн, но поради оддалеченоста од универзитетот се преселила во Бон. Токму наоѓањето стан е еден од најголемите проблеми за странските студенти во Германија, вели таа.
Интеграцијата е двостран процес
Германија е социјална држава, правата на доселениците се запазени и почитувани, но и самиот мора да се потрудиш доколку сакаш да се интегрираш во системот, нагласува Ангела. Иако е интегрирана, вели дека сепак постојано се чувствува како „ауслендер“: „Без разлика дали сум во Македонија или во Германија, јас практично секаде сум ауслендер. Во Македонија сум Германката, а во Германија – Македонката. Сигурна сум дека секој иселеник го има тоа почувствувано на своја кожа“.
Маријана на моменти мисли дека е подобро човек да биде дома покрај најблиските, иако не се чувствува како отфрлена: „Со оглед на фактот што има голем број странски студенти како мене, би можело да се каже дека не се чувствувам дискриминирана или изолирана“.
Германците резервирани, Македонците лицемерни
Разликата во животот, но и во менталитетот меѓу двете земји е огромна, велат обете. Според Ангела, луѓето во Македонија се послободни, попријатни, поопуштени, а Германците се подисциплинирани, порезервирани и на некој начин постудени.
„На пример, ако се каже дека се чекаме во 4 часот, тогаш се среќаваме точно во 4, ни минута подоцна. Во Македонија многу често ми се случува да чекам некого, бидејќи доцни“. Во животот на Запад не и’ се допаѓа дека „луѓето постојано се водат по еден ист дневен ритам, и тоа понекогаш знае да биде премногу стресно“.
Маријана не сака да генерализира: „Многу е тешко да се категоризираат луѓето како вакви или такви. Но, еве, да речеме дека Германците се позатворени и резервирани, но искрени, додека Македонците се дружељубиви, емотивни, но лицемерни“. Кај Германците најмногу и’ се допаѓа што не трошат време на озборување. „Кај нив има слобода на говор, не постојат табу теми, се разговара отворено за се’, но нема озборување за животите на другите, секој си ја гледа својата работа“, вели таа.
Во Германија пари не паѓаат од небо
Перцепцијата дека луѓето што живеат во странство имаат совршен живот е прилично погрешна, нагласува Ангела. Фактот што живееш во Германија не значи по автоматизам дека си богат и среќен, како што сметаат многумина Македонци: „Во Германија, парите не ти паѓаат од небо. Ако сакаш нешто повеќе да постигнеш, мора да се бориш и да се трудиш и не е толку лесно како што се чини“. Додека во Македонија секој втор млад човек има факултетска диплома, критериумите за упис на германските универзитети се далеку повисоки и построги, тврди таа. „Имам впечаток дека во Македонија буквално секој кој сака може да студира. Тоа е во ред, но што потоа? Што ќе прават сите тие млади луѓе по дипломирањето? Дали за сите нив ќе има работа? Во Германија не е така. Кој што учел, тоа и ќе работи. Тука се бара доста висок просек и други критериуми кои идните академски граѓани треба да ги исполнат за да се стекнат со диплома“, вели студентката по економска хемија
Како академски граѓанин кој студирал и во Македонија и во Германија, Маријана ги воочува разликите во нивните образовни системи: „Факултетите во Македонија се повеќе ориентирани кон полагање на усни и писмени испити, а во Германија од студентите се бара да пишуваат семинарски работи, кои не смеат да бидат копирани од интернет, туку студентите сами треба да истражуваат и да пишуваат на зададени теми“. Паралелно со студиите, Маријана работи за време на викендите, оти студентските трошоци во Германија не се мали. „Познавам доста студенти кои како мене работат со скратено работно време, тоа е сосема нормално тука“, вели таа. Време за забава речиси и нема, ретко наоѓа слободно време и за релаксирање. „Она малку време што го имам, го поминувам со пријателите на кафе, на прошетка и во долги разговори“.
Дома е таму каде што ти е семејството
Ангела ја сака Македонија, македонскиот менталитет, прекрасниот и гостопримлив пречек при секое доаѓање. Кога е во Германија најмногу и’ недостига македонската кујна, посебно домашните банички и свежиот зеленчук и овошје, „кои немаат ист вкус како германските“.
Слободното време и одморите, секогаш кога може, ги поминува таму: „Македонија има навистина прекрасни места кои вреди да се посетат. Природата, народната музика, традиционалното јадење, сето тоа е нешто што ме тера да се враќам таму“. Македонка, родена и израсната во Германија – каде е нејзиниот дом? „Дома е таму, каде што е семејството. Јас се чувствувам дома кога сум покрај луѓето кои ги сакам. Поголемиот дел од мојата фамилија е во Македонија и можам да кажам дека мојот дом е таму, но потесното семејство – моите родители и брат ми – е тука во Германија, така што би рекла дека за мене поимот ’дома‘ е релативен“.
Домот на Маријана е во Македонија, но зафатениот распоред не и’ дозволува толку често да патува во родната земја; оттаму, вели, и’ недостасуваат единствено семејството и пријателите.
На стари години назад во Македонија
Маријана се‘ уште не е начисто каде се гледа себе си за некоја година, но не би и’ пречело да остане во Германија, доколку успее да најде работа. И Ангела планира по студиите да се вработи и тука да ја започне кариерата: „Во Македонија ако завршиш факултет си еден од многуте со високо образование. Но, тука не е така и по завршувањето на факултетот очекувам да се вработам во некоја од германските фирми и да работам во својата струка“. За неа, вели, ќе биде од исклучително значење еден ден и нејзините деца да ги знаат нивните корени, да ја запознаат Македонија и македонскиот менталитет.
Иако иднината на својот живот ја планираат во Германија, сепак двете се согласни и во тоа дека староста би сакале да ја поминат во својата родна земја.