Евростат: Во Македонија има 2.077.100 жители!

Македонија на 1 јануари годинава имала 2.077.100 жители што е за околу 2.000 повеќе во споредба со 1 јануари 2018, покажуваат податоците што ги објави Евростат.

Бројот на населението во земјава за една година е зголемен за 0,9 отсто. Македонија во изминатата година забележала позитивен природен прираст од 1,6 отсто. Лани се родиле 21.300, а умреле 19.700 лица.

Најбројно население меѓу земјите во регионот, според Евростат, има Грција 10,7 милиони, во Бугарија живеат 7 милиони луѓе, во Србија 6,96, во Хрватска 4,077, во Албанија 2,86, а во Црна Гора 626.000 луѓе.

Во ЕУ вкупно живеат 513,5 милиони жители, што е за речиси еден милион повеќе од претходната година.

Најмногу жители 83 милиони има Германија, пред Франција со 67, Велика Британија со 66,6, Италија 60,4, Шпанија 46,9 и Полска 38 милиони.

Обвинителството истражува дали девојче во Гостивар се самоубило поради врски со секта

Се истражува дали самоубиството на 13-годишно девојче од Гостивар е поврзано со секта.

Девојчето од Гостивар пред неполн месец се самоуби, но од обвинителството информираат дека случајот не е затворен, туку се истражува дали девојчето било дел од некоја секта, затоа што дел од доказите укажувале на тоа.

Безживотното тело беше пронајдено во нејзиниот дом на 25 ноември. 

„Иако првичните сознанија непосредно по настанот упатуваа дека се работи за случај на самоубиство, сепак поради определени индиции, истрагата продолжува со испитување на мотивите кои биле причина за смртта. Имено, веднаш по настанот, дежурен јавен обвинител изврши увид на лице место и издаде наредба за обдукција на телото на починатото девојче. При обдукцијата првично беше констатирано дека починатата на себе има и други повреди кои би можеле да упатуваат на нејзина припадност кон секта“, стои во соопштението. 

Јавниот обвинител дополнително издаде наредба за токсиколошки испитувања и за анализа на биолошки материјал, како и наредба за вештачење на телефонот и на комуникацијата преку социјални мрежи на починатото лице. Дополнително, Основното јавно обвинителство Гостивар побара од МВР да изврши проверки и споредба со евентуално слични случаи во државата или надвор од неа, како и да изврши разговори со семејството, пријателите и соучениците на починатата девојка, како и со наставниот кадар во училиштето, соопштуваат од обвинителството.

Сабота, 21 декември, неработен ден за припадниците на турската заедница

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека согласно Законот за празниците, 21 декември (сабота), односно Денот на настава на турски јазик е неработен ден за граѓаните припадници на турската заедница во Република Македонија.

Од Министерството на граѓаните припадници на турската заедница им го честитаат Денот на наставата на турски јазик.

Непознати лица се обиделе да ја киднапираат ќерката на пратеник на СДСМ

Засега непознати лица се обиделе да ја грабнат ќерката на пратеник од СДСМ, пренесува Сител.

Настанот се случил во средата во 11:45 во Кочани. Седум годишното девојче се враќало од училиште кога возило со странски регистарски таблички ја пресретнало, нагло застанало а непознати лица со локален дијалект му наредиле на детето да влезе во автомобилот.

Во тој момент дедото на малолетното девојче ги забележал па тие побегнале.

Настанот според извори на Сител е пријавен во полиција.

Популарно