Почина 15 годишно момче

Петнаесетгодишно дете од кумановското село Љубодраг вчера се удавило во реката Пчиња во селото Шупли Камен.

Несреќата, како што објави Куманово њус, се случила околу 16 часот, кога детето заедно со своите другарчиња влегло да се капи во еден од вировите длабок околу 3,5 метри. Притоа го повлекла водата и пропаднало.

Луѓето кои биле со него се обиделе да го пронајдат, но безуспешно.

Веднаш била известена полицијата која пристигнала и заедно со мештаните ја започнала потрагата.

По еден час било извадено безживотното тело на несреќното момче. Увид на лице место извршила полицијата и јавен обвинител.

Товарен воз удри во маж кај железничка станица Илинден

Маж се здобил со тешки телесни повреди откако во него удрил товарен воз кај железничката станица Илинден.

-Синоќа во 02:30 часот по полноќ на железничката станица Илинден, товарен воз кој сообраќал на релација Табановце – Трубарево - Гевгелија удрил во едно лице. Лицето, кое е најверојатно мигрант, се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје - информира МВР.

Две лица нападнати од неколку гости во скопски ресторан

Вчера во 19:45 часот во СВР Скопје, 39-годишниот Д.Н. од Скопје пријавил дека околу 21:30 часот во угостителски објект во Скопје, Д.Н. и Т.Т.(54) од Скопје биле физички нападнати од неколку гости во објектот.

Како што информира МВР, причина за физичкиот напад било претходно недоразбирање. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Пожар избувна во викендичка во Скопје

Во викендичка во село Побожје, сопственост на 38-годишниот А.Р. од Скопје, вчера во 22:20 часот настанал пожар, при што изгорел првиот кат.

Како што пренесуваат од МВР, повредени лица нема, а од екипа на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил целосно локализиран. 

Популарно