Товарен воз удри во маж кај железничка станица Илинден

Маж се здобил со тешки телесни повреди откако во него удрил товарен воз кај железничката станица Илинден.

-Синоќа во 02:30 часот по полноќ на железничката станица Илинден, товарен воз кој сообраќал на релација Табановце – Трубарево - Гевгелија удрил во едно лице. Лицето, кое е најверојатно мигрант, се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје - информира МВР.

ТРАГЕДИЈА: Изгоре куќа на четиричлено семејство

Во пожар кој избувна синоќа и гореше до раните утрински часови,  до темел изгоре семејната куќа на Р.А. од селото Луке, Кривопаланечко.

Од Територијалната противпожарна единица, Крива Паланка, информираат дека дојавата ја добиле во 19 часот и 44 минути, но според проценките пожароти веројатно избувнал околу 18 часот. Го пријавиле соседите, откако по обидите да го гаснат, во услови на врнежи од дожд, не успеале.

-Нашата екипа поради непристапноста на теренот побара помош од уште едно теренско возило кое веќе за 15-тина минути беше на локацијата и петмина пожарниакри го гаснеа пожарот до 1 часот и 15 минути утринава. Целата куќа на ова четиричлено семејство, за жал, е изгорена, но спречено е ширење на пожарот, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.

Станува збор за четиричлено семејство со две малолетни деца во основно образование, чиј мебел, покуќнина, лични работи, буквално ги однесе огнената стихија.

-Во целата несреќа, среќа е што семејтвото пред настанување на пожарот се оддалечило од домот, не биле дома ниту во времето кога настанал, но штетата е огромна, поради што освен подршката од хуманите соседи и роднини кои ноќва ги згрижија луѓето, сигурен сум, ќе биде потребна и друга помош, додаде Коцевски.

Увид извршила екипа од крим-техника од ОВР Крива Паланка и веќе се работи на утврдување на причините за настанување на пожарот.

Ова е шести пожар на подрачјето на Крива Паланка месецов, а 35-та интервенција на ТППЕ Крива Паланка во 2020 година. 

Прегазен пешак во Автокоманда

Седумдесет и седумгодишен маж загина во сообраќајна несреќа што се случила вчера во скопската населба Автокоманда.

Според информациите на МВР, вчера во 14.20 часот на булеварот Александар Македонски автомобил „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.З.(48) од Скопје, удрил во пешакот А.Б.(77) од Скопје.

Пешакот починал на местото на настанот, а смрт констатирала екипа од итна медицинска помош.

Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Скопје.

Скопјанец со воздушна пушка повредил шестгодишно дете

Четириесет и четиригодишен скопјанец со воздушна пушка повредил шестгодишно девојче.

Според информациите на МВР, вчера околу 20.30 часот во полиција било пријавено дека во село Белица, Македонски Брод, во куќа сопственост на С.Т., З.К.(44) од Скопје, кој престојувал како гостин, со воздушна пушка на С.Т. испукал една дијабола кон метално буре во дворот, при што повредил шестгодишно девојче од Скопје, кое со нејзината мајка, исто така, престојувала во куќата.

Според пријавеното, З.К. ја земал пушката без согласност и одобрение од С.Т.. Девојчето било пренесено во ЈЗУ-Македонски Брод за укажување лекарска помош.

Популарно