Блерим Река ќе биде министер за европски интеграции на Косово

Блерим Река, кој беше независен кандидат поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА на претседателските избори во Северна Македонија лани, ќе биде министер за европски интеграции во новата влада на Косово, која ќе ја предводи лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, јавуваат косовските медиуми, пренесува „360 Степени“.

Седницата на парламентот на која ќе се гласа новата влада е закажана за денес во 11 часот.

Владата на Курти ќе има 15 министри и 33 заменици-министри, што е големо намалување во однос на претходната влада која имаше 23 министри и околу 80 заменици-министри.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Мало девојче, жртва на меѓународна трговија со луѓе пронајдено во автобус на границата меѓу Хрватска и БиХ

При контрола на стока и патници на редовна автобуска линија на граничниот премин Славонски – Босански Брод, преку детална анализа е идентификувана жртва на меѓународна трговија со луѓе, соопшти Обвинителството на БиХ.

Станува збор за петгодишно девојче од Германија кое било придружувано од странски државјанин. По наредба на обвинител во Службата за работи со странци, странскиот државјанин е приведен.

Детето било на листа на барани

Според обвинителството, девојчето било соодветно згрижено и сместено во безбедна куќа. Таа доби специјален старател за странски деца без придружба и жртви на трговија со деца.

Петгодишното девојче е на списокот на лица барани од меѓународните институции, па обвинителот кој работи на случајот е во постојана комуникација со надлежното обвинителство и полицијата во Визбаден, Германија, со цел малото девојче да се врати кај нејзината мајка.

Сергеј Трифуновиќ утре ќе биде сослушан во врска со неговото апсење поради поседување дрога

Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ синоќа беше приведен откако кај него била пронајдена дрога, а како што дознава српскиот медиум „Нова.рс“ утре ќе биде сослушан во обвинителството.

Трифуновиќ беше приведен околу 20.00 часот во Вождовац откако, како што се сомнева, купувал марихуана од познаник. Со него е приведен и С.М.(31) од кого актерот наводно ја купил марихуаната.

Трифуновиќ по апсењето доби притвор до 48 часа, а утре ќе биде спроведен на распит во обвинителството. По рочиштето ќе се знае дали ќе биде ослободен или приведен.

Популарно