Пијана битолчанка на улица го преспала полицискиот час

Битолското основно јавно обвинителство поднесе предлози за казни против две лица кои во овој град не го почитувале полицискиот час, односно забраната за движење од 21.00 до 05.00 часот наутро како мерка против ширењето на коронавирусот.

Една од казнетите е битолчанка на возраст од 33 години, која на 26 март во 00.30 часот била затекната како лежи во алкохолизирана состојба на улицата Прилепска.

Во вториот случај станува збор за 18-годишен тинејџер од Битола, кој исто така на 26 март, во 01.25 часот со автомобил „рено 19“ без регистарски таблички се движел по улицата 8-ми Септември.

Тие се товарат дека сториле кривично дело – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

За секој од двајцата обвинети Основното јавно обвинителство во Битола му предлага на судот да изрече парична казна од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.

Изнемоштените и болните до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори

Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

-Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник), се посочува во Роковникот на ДИК.

Кампањата за претседателските избори завршува на полноќ на 22 април.

Кривичен одреди притвор и мерки на претпазливост за приведените затворски служебеници од Идризово

Уапсените затворски службеници во вчерашната акција на полицијата и обвинителството добија притвор и мерки на претпазливост. Шестемина кои го дозволиле бегството на затвореникот осуден за убиство заработија едномесечен притвор, а останатите 11мина кои цела недела дозволувале затвореникот да шета, добија мерки на претпазливост.

Судот им ги одзема патните исправи, забрането им е да го напуштаат домот, а добиле и обврска за повремено пријавување кај надлежен државен орган.

За сите обвинителството води истрага под сомнеж дека сториле кривични дела овозможување бегство и незаконско ослободување на осудено лице. За овие кривични дела, од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција појаснуваат дека се предвидени затворски казни до 10 години. 

Втор ден генерален штрајк на приватните специјализанти

Приватните специјализанти утрово продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Преку соопштение, тие синоќа информираа дека штрајкот ќе продолжи и денеска, сѐ додека Министерството за здравство по денешната седница на Влада, не излезе со официјален став за нивните барања. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за понатамошните чекори.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот. 

- Најглавното што беше кажано на средбата е дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување. Истиот одговор го добивме и за другите наши барања, дека е предизборен период, изјави вчера по средбата во Владата, д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

Таа нагласи дека го негираат тврдењето оти штрајкот има политички контекст.

Министерот за здравство во текот на вчерашниот ден на прес-конференција побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

- Ова е многу битно. Направивме компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има голема разлика оти до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите, рече Демири, на прес-конференцијата на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ вакцини. 

Популарно