Обвинетиот кој пијан ја усмрти Фросина Цековска кај Универзална осуден на 4 години затвор

Врховниот суд на Република Македонија, постапувајќи по жалбите на обвинетиот и на обвинителството во предметот со сообраќајната несреќа кај Универзална сала, во која животот го загуби Фросина Цековска, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот ја одби како неоснована, а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи во делот на кривичната санкција. Со ова Врховниот суд ја преиначи пресудата на Апелациониот суд Скопје и обвинетиот го осуди на казна затвор во траење од 4 години, додека во останатиот дел второстепената пресуда ја потврди.

Претходно, Апелационот суд Скопје донесе пресуда врз основа на признание на вина со која обвинетиот го огласи виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик и го осуди на казна затвор во траење од 3 години, а на обвинетиот му изрече и забрана за управување со моторно возило од Б категорија во траење од една година.

Овој предмет се однесува на сообраќајната незгода која се случи на 03.04.2015 година на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во близина на Универзална сала, кога обвинетиот, управувајќи со моторно возило Хонда прелуде, под дејство на алкохол и со брзина поголема од ограничената, удрил во телото на оштетената Фросина Цековска, која како пешак започнала да го минува коловозот по обележан пешачки премин. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

Направените сообраќајни пропусти кои се причина за сообраќајната незгода опфатија умисленост во дејствијата на обвинетиот, односно беше утврдено присуство на алкохол во крв и пречекорување на дозволената брзина за управување со возилото, па  согласно тие пропусти обвинителството ја определи и правната квалификација  за кривичното дело.

На пресудата на Апелациониот суд во конкретниот предмет, претходеше пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје со која обвинетиот за наведеното кривично дело беше огласен виновен и казнет со казна затвор во траење од 4 години и му беше изречена забрана за управување со моторно возило од Б категорија во траење од една година.​

Песната „Сакам да кажам“ од Нокаут победи на „Макфест“

Победничка песна на 35-то издание на „Макфест“ е „Сакам да кажам“  од групата Нокаут, втората награда е за „Ден по ден“ изведена од Ѓоко Таневски и трета награда за „Ако те изгубам“ во изведба на Омар Џаферовски.

Никола Перевски-Пере од Нокаут за МИА вели дека ова е награда по 24 години работа, а слатка трема немал почуствувано никогаш.

– По 24 години конечно нешто да освоиме, публиката тоа го примети дека има некаков квалитет, што сме го направиле. Се разбира тука е жирото кое гласаше за нас и веројатно жирото, тоа го почуствувало. Најважно е за мене да почуствува песната, да се пренесе енергијата, кај публиката, еве и кај жирото и сметам дека е заслужено – вели Пере од Нокаут.

Тој во разговорот за МИА открива дека песната е направена пред три години, а инспирацијата доаѓа од љубовта. Прашан како го доживува „Макфест“ по 35 години, одговорот му е „Како никогаш досега, затоа што „Макфест“ досега се правеше на затворено,  а сега за првпат е кога „Макфест“ се организира под отворено небо и навистина чувството е прекрасно и мислам дека треба да продолжи во ваков некаков континуитет, рече Перевски-Пере од Нокаут.

Досега на „Макфест“ имал две композиции едната е „Танго“ во 2014 и победничката е втора песна со  која настапи на 35-то издание.

Публиката синоќа не гласаше, изборот на наградите го направи стручното жири, составено од познати македонски музички имиња, актери, од модата. Што се однесува за почитувањето на здравствените протоколи фестивалот беше беспрекорно организиран. Волонтерите на ОО Црвен Крст постојано беа меѓу публиката, кои предупредуваа на држење дистанца и задолжително носење на заштитни маски. 

Предлог до Владата: Медицинска сестра во секое училиште

Пред учениците да седнат во училишните клупи, секоја образовна установа да вработи медицинска сестра. Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари со иницијатива до надлежните инситутции за поголема безбедност на децата во услови на пандемија од Ковид-19. Откако Владата одлучи на 1-ви октомври настава со физичко присуство да посетуваат од прво до трето оддееление, од АСМЛ велат дека нивниот предлог е во вистинско време кога медицинското лице ќе може да ги едуцира децта како правилно да ја носат маската, миење на раце но и соодветна грижа ако се појави сомнителен случај на корона.

-Пред се тие ќе бидат во функција на едукација, превенција и тријажа. Ваков образовен кадар е неопходен за намалување на инфекциите во училиштата кај учениците, за целокупното здравје кај децата  и секако за родителите за намалување на оној страв за она што ги чека сега од 1-ви октомври, вели др. Божидар Кочоски од АСМЛ.

Од Асоцијацијата велат дека ваква пракса со вработено медицинско лице има во приватни образовни установи кај нас, но и во многу други земји. Според нивните анализи кадар има и треба само добра волја од надлежните за спроведување на предлогот во пракса.

-Училиштата се големи установи и некои од нив се можеби блиску до некој здравствен дом или здравствена установа и можеби не треба постојано вработено лице туку добра координација. Но, во училиштата како големи колективи и тоа како е потребно медициснко лице, вели др. Кочоски.

Од Министерството за здравство се согласуваат со иницијативата на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. Од образование, пак, со одговор дека наставата во учебната 2020/2021 ќе се одвива согласно план и протоколи за настава, одобрени од страна на Комисијата за заразни болести. Евентуалните дополнувања на истите треба да бидат утврдени и одобрени од страна на Комисијата.

Видео: МОН објави како децата ќе се враќаат в училиште од 1 октомври

Министерството за образование и наука во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ И УСАИД, изработи видео во кое на јасен и едноставен начин се прикажани протоколите на кои треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите.

Видеото е веќе достапно на официјалните ФБ профили на МОН, на министерката за образование и наука Мила Царовска, како и на ФБ профилите на УНИЦЕФ и УСАИД.

Популарно