Груби: И Македонците ќе може да се вработуваат со субвенции каде што се помалку застапени

Првиот вицепремиер Артан Груби, кој денеска присуствуваше на настан по повод завршување на проектот за гасификација на болницата во Чаир, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека субвенциите за вработување по етничка основа би важеле реципроцитетно и за Македонците.

- Правичната и адекватна застапеност е уставно начело. Тоа мора сите да го почитуваме. Идејата е и за субвенционирање на Македонците кои се помалку застапени во компаниите во Гостивар, Тетово, Струга и Дебар, па и Чаир, рече министерот за политички систем, кој е актуелен деновиве со најавата дека на приватни фирми ќе им се нудат субвенции доколку вработуваат Албанци и работници од други помали заедници заради правична етничка застапеност.

Сепак, Груби вели дека затоа нема договор за конкретна сума во буџетот и дека во моментов се се однесува само на декларација во владината програма.

- Тоа е само идеја и само се дебатира за тоа. Не ми е јасно зошто има толку реакции на социјалните мрежи. Не зборуваме за вработувања на неквалитетни кадри, туку за избор на квалитетни. Жалам дека се уште има такви реакции. Не велиме по етнички клуч, туку правична застапеност, додаде Груби.

Работодавачите погодени од економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19 ќе добијат помош и за октомври, ноември и декември

Владата синоќа на седница утврди предлог-закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Со овој закон, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата за месеците октомври, ноември и декември.

На предлог на Министерството за финансии,  утврден е и предлогот за Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој исто така како и Предлог законот за финансиска поддршка на работодавачите е дел од Пакетот 4 за справување со економската криза предизвикана од вирусот.

Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите.

Заради олеснување на процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат).

Од 01 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 10% за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.

Исто така од 01 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 5% за определени занаетчиски услуги коишто се вршат од страна на занаетчии коишто се запишани во занаетчиски регистар.

Новите домашни платежни картички ќе важат за три категории на граѓани

Платежни картички со по 6.000 денари се дел од четвртиот сет економски мерки и истите ќе бидат наменети за пензионери, самохрани мајки и пасивни баратели на работа.

Измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година треба да бидат усвоени во Собранието за да можат 283.000 граѓани да добијат домашни платежни картички.

„Домашни платежни картички ќе добијат 5.726 самохрани родители, како поддршка во справувањето со последиците од економската криза. Платежни картички ќе добијат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, пасивните баратели на работа, самостојни уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници, како и 540 студенти, но и граѓаните кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи“, велат од СДСМ.

Тоа ќе значи зајакнување на семејните буџети на над 5.700 семејства и поттикнување на приватната потрошувачка.

Ја доведе Пошта до пропаст, а не одговараше: Се бара одговорност од Ејуп Рустеми

Партијата на Мирјана Најчевска, Твоја партија бара одговорност од актуелниот директор на Пошта на Северна Македонија, Ејуп Рустеми за кого вчера премиерот Зоран Заев рече дека ќе стане директор на ЈП за државни патишта на местото на Зоран Китанов. Од Твоја партија велат дека пред да добие ново директорско место во друго јавно претпријатие, Ејуп Рустеми, според Законот за јавните претпријатија, до сега, според нив требал да биде повикан на одговорност.

„За за повеќекратно поднесување на негативен извештај за работа, да биде повикан на одговорност од страна на Управниот одбор согласно Законот за јавни претпријатија, да биде повикан на одговорност затоа што не ги отстранил негативностите во работењето во рок од 6 месеци, да одговара солидарно и неограничено за нанесената штета и да биде разрешен од функцијата. Уништено е јавно добро, нанесена е огромна штета и едно јавно претпријатие е доведено до пропаст, стои во соопштението.

Оттаму велат дека граѓанските организации реагирале за ниските критериуми за избор на директор на јавно претпријатие, но ниските критериуми не ослободуваат никого од одговорност.

„Партиите на власт, без оглед на последиците кон јавното добро и економијата воопшто, со потегот на назначување/наградување на директор на државни патишта, докажува дека тесно политичките пазарења и партиски интереси само ја продолжуваат праксата на поделба на пленот наречен власт“.

ТВОЈА партија бара одговорност од директорот, Управниот и Надзорниот одбор за нанесената штета на државата и на граѓаните.

Популарно