Прилеп: Приведен тренерот по џудо кој силувал малолетнички доверени за тренирање и воспитување

Основното јавно обвинителство Прилеп поведе постапка против 46-годишен тренер по џудо, за кого постои основано сомнение дека со злоупотреба на положбата извршил полови дејствија врз малолетни ученички доверени за тренирање и воспитување.

На предлог на јавен обвинител на лицето му е одреден притвор во траење од 30 дена.

Осомничениот како тренер по џудо, од април до ноември 2020 година, во Прилеп и на други места, заради задоволување на полови страсти, со злоупотреба на својата положба извршил полови дејствија врз деца кои наполниле 14 години – ученички кои му биле доверени заради тренирање и воспитување, се вели во соопштението од ОЈО.

Против осомничениот надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување на мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп, а Судот го прифати предлогот и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење до 30 дена.

Против лицето постои основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело – Обљуба со злоупотреба на положбата од член 189 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Македонец до смрт претепан во Словенија

Пронајденото безживотно тело кое во петокот беше пријавено во полицијата на Љубљана е на 38-годишен државјанин на Македонија, потврди портпаролката на полициската управа во Љубљана, Шпела Шкопорц.

Неофицијално лицето било претепано до смрт.

„Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, наредена е судска обдукција, но причината за смртта сè уште не е разјаснета. Интензивната кривична истрага сè уште е во тек. Надлежното државно обвинителство ќе биде известено за сите наоди“, изјави нивната портпаролка. 

По кратко боледување почина новинарот Ѓорѓи Томиќ

По кратко боледување денеска во Скопје во 42 година од животот почина новинарот Ѓорѓи Томиќ.

Долги години беше дел од редакцијата на Канал 5 од 2007 до 2018 година, каде работеше како уредник во информативната редакција. Во новинарската кариера следеше настани од надворешната политика.

Колегите ќе го паметат како добар новинар и голем другар.

Шок во мак-ракометот: Ненадејно почина Александар Јовиќ

Македонскиот ракомет остана без голем работник, затоа што ненадејно во текот на ноќта почина тренерот Александар Јовиќ.

Јовиќ почина на 51-годишна возраст, а последно работеше како тренер на македонскиот суперлигаш Пролет. Низ тренерската кариера беше асистент на Лино Червар во Металург, а самостојно го водеше и Металург 2 и Еурофарм Пелистер со кого стана шампион на Македонија.

Како играч, Јовиќ беше дел од Металург, Вардар, Пелистер, Преспа, Борец од Македонија, како и Болоња од Италија, Сплит од Хрватска, Апатин од Србија, и Слобода Тузла од БиХ.

Популарно