Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена облачност

Утрото свежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност и потопло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Утринската температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната од 14 до 21 степен.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне 19 степени.

И во понеделник времето ќе се задржи стабилно со дополнителен пораст на дневната температура. Од вторник ќе има зголемување на облачноста со локални врнежи од дожд, на места поројни и проследени со грмежи. Од среда ќе дува и умерен до засилен северозападен ветер, што ќе услови повторно намалување на температурата.

13-годишно девојче на мопед тешко повредено во сообраќајка во Куманово

На 16.05.2021 околу 16.35 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од ул.„Тоде Мендол“ и ул.„Перо Илиевски“ се случила сообраќајна незгода помеѓу мопед „априлиа“, со кумановски регистарски ознаки, управуван од 13-годишна малолетничка, на кој се превезувала уште една 13-годишна малолетничка, и двете од Куманово и патничко возило „фолксваген голф“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од В.К.(25) од Куманово.

По незгодата, малолетничката која го управувала мопедот била пренесена во Општата болница Куманово, каде ѝ биле констатиранни тешки телесни повреди. Увид на местото на незгодата извршила екипа од СВР Куманово.

Полицискиот час останува на сила уште две недели

Комисијата за заразни болести на утринскиот состанок донесе препорака да нема промена на рестриктивните мерки, потврдуваат утрово од Министерството за здравство.

Полицискиот час од полноќ до 4 часот наутро и работното време на угостителите до 23:30 остануваат на сила уште две недели.

Засега нема потврда кога ќе се решава за можно олеснување на рестриктивните мерки и покрај намалениот број на новозаразени и хоспитализирани лица од коронавирусот.

Спасовски: Се вакцинирав, се чувствувам одлично и се враќам на работните обврски

Денеска, во вакциналниот пункт во Куманово, ја извршив личната и граѓанска должност со апликација на првата доза од вакцината на „Синофарм” за заштита од Ковид-19, согласно националниот план за имунизација, напиша на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по вакцинацијата.

„Се чувствувам одлично и се враќам на работните обврски.

Ве охрабрувам сите да го сторите истото, доколку сѐ уште не сте регистрирани, пријавете се на веб-страницата www.vakcinacija.mk - само со масовна имунизација ќе постигнеме колективен имунитет, тоа е единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот“, напиша Спасовски.

Популарно