Од денеска отворени средните училишта во Грција

Грција денеска ги отвори средните училишта, по петмесечна блокада поради коронавирусот.

Отворањето на училиштата се случи откако грчките власти ставија на располагање домашни тестови, за кои се надеваат дека ќе помогнат во контролата на пандемијата и повторно отворање на економијата, пренесува грчкиот портал „Екатимерини“.

Од учениците и наставниците ќе се бара да носат маски и да прават најмалку два теста неделно – секој понеделник и четврток.

Оние што посетуваат училиште ќе мора да направат негативен тест за Ковид-19 како доказ, а тестирањето е задолжително и за оние кои биле вакцинирани против вирусот.

Грција е во блокада од почетокот на ноември минатата година.

Грчките здравствени власти вчера пријавија 1.718 нови случаи на коронавирус и 52 смртни случаи.

Од почетокот на пандемијата, регистрирани се вкупно 295.480 потврдени случаи на коронавирус, со 8.885 смртни случаи.

Макфакс

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно