Се преврте брод кај Тунис, 76 лица исчезнаа

Најмалку 76 лица се водат како исчезнати, откако се преврте брод во близина на брегот на Тунис, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција.

Се додава дека 24 лица се спасени од бродот, што испловил од брегот на плажите на Завара во Либија и потонал крај брегот на Сфакс во Тунис, јавија британски медиуми.

Изминатите месеци, десетици луѓе се удавија во близина на брегот на Тунис, бидејќи се зголемува бројот на мигранти, кои се обидуваат да дојдат од Тунис и Либија, во Италија.

Макрон: Најдовме решение за спорот меѓу С. Македонија и Бугарија

Францускиот претседател од Мадрид изјави дека е најден компромис за спорот меѓу Скопје и Софија. Македонската влада соопшти дека примила предлог од Франција за надминување на блокадата. 

Северна Македонија и Бугарија постигнале компромис за надминување на спорот околу содржината на Преговарачката рамка со која Скопје треба да ги води преговорите со ЕУ. Оваа вест попладнево од Мадрид ја соопшти францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува Ројтерс. 

„Мислам дека најдовме компромис околу спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за Преговарачката рамка за влез во ЕУ“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на НАТО во Мадрид. 

Макрон не соопшти детали околу можниот компромис, но можно е тој да не опфаќа експресно решение, туку начин и македонската страна да се изјасни за договореното преку консултации и во Собранието во Скопје. 

Во таа насока говори и соопштението од Владата во Скопје објавено попладнево во кое се наведува дека „пристигнал предлог со идеи“ од француското претседателство со ЕУ.

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“, соопштуваат од владата. 
 

Според информации на Дојче Веле, во Мадрид на овие теми разговарале двајцата министри за надворешни работи Теодора Генчовска и Бујар Османи. 

Двете спорни точки биле околу одржувањето на двете меѓувладини конференции- првата „политичка“ и втората формална по која всушност и би почнале пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Бугарија бара на почетокот на преговорите да им претходи промена на Уставот со кои ќе се овозможи впишување на Бугарите како конститутивен народ. 

Втората спорна точна е внесувањето на Протоколите од меѓувладините состаноци во Преговарачката рамка. 

Премиерот Димитар Ковачевски во средата од собраниска говорница порачадека нема да дозволи историските прашања „да бидат критериуми за преговарачка рамка и преговорите на Северна Македонија со ЕУ“.

Извор: m.dw.com

Путин е подготвен на дијалог со Западот за три теми

Рускиот претседател Владимир Путин денеска кажа дека Москва е подготвена за дијалог за „стратешката стабилност, зачувување на режимот за неширење на оружјето за  масовно уништување и подобрување на ситуацијата во областа на контролата на оружјето“.

Во обраќањето на правен форум во Санкт Петербург, рускиот претседател додаде дека дијалогот ќе бара „напорна заедничка работа“ и ќе има за цел да спречи повторувањето на „тоа што денеска се случува во Донбас“.

Тој повтори дека Русија ја почнала инвазијата врз Украина за „да ги заштити етничките Руси и луѓето што зборуваат руски во источниот регион на Донбас од прогонот на Киев“ и ја обвини Украина за „злосторства против човештвото“.

Видео: Земјата зафатена од силно невреме, едно лице го загуби животот

Австрија синоќа ја зафати силно невреме, а едно лице загина.

Најлошо е во Корушка, особено во областа Вилах, пренесува „Кронен цајтунг“.

Во тој реон во спасувањето на мештаните учествувале 30 противпожарни единици, а планинската спасувачка служба со кучиња трагачи трага по две исчезнати лица. Починало повозрасно лице (82).

Локалните власти соопштија дека повеќето луѓе се спасени. Се молат луѓето да не ги напуштаат куќите и по можност да останат на горните катови. „Опасноста од лизгање на земјиштето е преголема“, наведуваат тие.

„Три села се целосно отсечени од светот“, изјави Мелани Рајтер, портпаролка на организацијата за Корушка, регион на границата со Италија и Словенија кој е погоден од лошите временски услови.

– За неколку часа, падна количината на врнежи за цел јуни, изјави Герхард Хохенвартер од австрискиот институт за метеорологија и геодинамика (ЗАМГ).

Австрија првпат доживеа екстремен топлотен бран оваа недела, проследен со серија грмотевици. Научниците предупредуваат дека зголемувањето на бројот на екстремни временски услови во Европа е директна последица на глобалното затоплување, пишува агенцијата Франс прес.

Популарно