Македонскиот тим во историската комисија: Не сме разговарале за натписи на споменици

Македонскиот тим во мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, денеска преку соопштение до медиумите тврди дека Комисијата никогаш не разговарала и не усогласувала предлог текстови доставени до владите со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини.

Во продолжение го пренесуваме во целост текстот на македонскиот тим во мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања:

„Повторно, како и секогаш кога политичките односи меѓу Северна Македонија и Бугарија се влошуваат или се наоѓаат пред голем предизвик да се надминат анахроните и апсурдни барања на официјална Софија, работата на Комисијата и членовите од македонска страна е предмет на злоупотреба од страна на најодговорните чинители во двете држави, политичарите (како од власта, така и од опозицијата), стручната јавност, како и од страна на голем дел од медиумите со нивното непрофесионално известување.

Поради големиот број дезинформации и лаги пласирани во јавноста изминативе денови, би сакале да информираме дека:

1. Комисијата никогаш не разговарала и не усогласувала предлог текстови доставени до владите со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини, како што е тоа наведено во манипулативниот текст на порталот БГНЕС кој речиси сите медиуми во С Македонија го пренесоа без притоа да побараат информации од членовите во Комисијата за да се провери точноста на информацијата и да се консултира нивното мислење во однос на ова прашање. Таквиот начин на информирање нема за цел јавноста да дознае што се случува со работата на Комисијата и да се пренесат погледите на сите страни вклучени во процесот, туку да се злоупотреби нејзината работа за политички цели. Текстовите кои досега се усвоени од страна на Комисијата се предлози до двете влади за заедничко чествување на одредени личности, а не објаснувачки текстови за споменични обележја, споменици и тврдини и тие не смеат да бидат искористени за таа цел. Исто така, крајно неодговорно е овие непроверени и неточни информации во поглед на намената и содржината на усвоените текстови за заедничко чествување од страна на Комисијата, да бидат користени од претставници на политички партии и носители на функции за да собираат политички поени и да создаваат слика за себе како за бранители на националните интереси на сметка на Комисијата која наводно работела во тајност без нивно знаење. Особено кога за нашата работа редовно е информирана јавноста и истите тие политичари се дел од власта и можат или можеле да ги имаат на увид сите усвоени препораки на Комисијата во однос на заедничките чествувања и учебниците по историја. Исто така, уверени сме дека и опозицијата е запозната со сите досегашни решенија на Комисијата и како и власта знае дека во нив нема ништо спорно и ништо со што би се загрозил историскиот идентитет на македонскиот народ и дигнитетот на сите граѓани на С Македонија.

2. Комисијата од македонска страна никогаш не прифатила, ниту пак ќе прифати да биде алатка на политиката или, пак, да работи според политички инструкции со што таа би прераснала во политичко тело за цензура, а не експертско тело кое има за цел да помогне да се надминат споровите за минатото кои се злоупотребуваат за политички цели. Комисијата е формирана врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство, но нејзината работа се води според Правилникот кој двете страни заеднички го усвоија на Првата средба на Комисијата во 2018 година и во кој нема ниту еден елемент, ниту една точка, која Комисијата би ја претворила во тело кое ја одредува „историската вистина“. Поради тоа, сакаме да укажеме дека секое нејзино подредување и потчинување на политички потреби на една или друга влада или политичка партија ќе значи и крај на постоењето на Комисијата.

3. Неопходно е професионално и одговорно однесување на сите чинители во општествениот и политички живот со цел да не се манипулира со чувствата на граѓаните, да не се поттикнува несигурност, и уште поважно да не се поттикнуваат поделби внатре во општеството, како и меѓу самиот македонски народ,. Патриотизмот не е и не смее да биде алатка за постигнување лични цели и градење на лични политички кариери кои во нашата кратка историја на независноста не служеле како ништо друго освен како средство за стекнување лична материјална корист.

На крајот, апелираме прашањата кои се однесуваат на работата на комисијата од македонска страна да бидат проверувани со нас, а за прашањата во однос на тоа каква ќе биде улогата на Комисијата во евентуални нови протоколи меѓу двете земји ќе се изјасниме доколку тие бидат официјално усвоени од Владите на С Македонија и Бугарија.

Акад. Драги Ѓоргиев,

Проф. д-р Љупчо Ристески,

Проф. д-р Петар Тодоров,

Проф. д-р Исамедин Азизи,

Доц. д-р Љубица Спасковска,

Доц. д-р Огнен Вангелов.“

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, која ќе биде поголема во западните делови каде што ќе има услови за појава на краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 30 степени. УВ индексот ќе достигне 6.

Во Скопје и околината ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб претежно северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 27 степени.

Правник ја искина универзитетската дипломата по предлогот на власта за измени на КЗ

Дипломиран правник ја искина дипломата по информацијата дека Владата на Собранието му предложи измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. Имено, на социјалната мрежа Фејсбук, правник објави фотографија од искината универзитетска диплома, истакнувајќи дека се срами каде завршил факултет.

„После предложените измени на Кривичниот законик дефинитивно се срамам каде сум завршил Факултет. Оваа диплома повеќе не ми е битна. Пи*ка Ви Матер“, стои во описот на објавената фотографија. 

Кучето кое беше злоставувано од сопственикот е на безбедно!

За случајот МВР поднесе пријава против 59-годишен жител на Крива Паланка со иницијали З.М., кој го влечел кучето врзано за своето возило. Малтретираното куче било фрлено во коритото на Крива Река, од каде било извлечено и згрижено.

Кучето од Крива Паланка кое било злоставувано од страна на сопственикот, донесено е во ЈП „Лајка“. Во моментов тоа е безбедно и ќе му биде обезбедена целосна нега и сѐ што е потребно за неговото опоравување, информираат од јавното претпријатие.

Оттаму додаваат дека благодарение на брзата реакција на граѓаните кои веднаш го пријавиле случајот, како и интервенцијата на пожарникарите кои го извлекле од провалијата, инспекторите и ветеринарните служби обезбедиле итна грижа и стабилизација.

-Овој настан е уште еден показател дека системот функционира кога институциите и граѓаните делуваат заедно – брзо, координирано и одговорно. Злоставувањето на животни не е изолиран чин – тоа е сериозен општествен проблем. Секое злоставување на животни мора да се пријави – веднаш и без исклучок. Само со гласна и одлучна реакција можеме да ги заштитиме најранливите и да спречиме насилството да се повтори, велат од ЈП „Лајка“.

Одговорноста, потенцираат, е заедничка – да изградиме средина во која и животните и луѓето живеат безбедно и достоинствено.

За случајот МВР поднесе пријава против 59-годишен жител на Крива Паланка со иницијали З.М., кој го влечел кучето врзано за своето возило. Малтретираното куче било фрлено во коритото на Крива Река, од каде било извлечено и згрижено. (МИА)

Популарно