Европскиот парламент со резолуција побара Србија да го признае Косово, Вучиќ ЕКСПРЕСНО одговори

Членовите на Европскиот парламент (ЕП) усвоија резолуција во Стразбур во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.

Резолуцијатабеше усвоена на пленарната седница на ЕП со 523 гласа „за“, 78 „против“ и 34 воздржани.

Со резолуцијата, Европскиот парламент за првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите „врз основа на взаемно признавање“.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека нема ни да го разгледа барањето на Европскиот парламент за Косово.

Тој кажа како Србија ќе одговори:

„Убаво, пристојно и учтиво – нема. Можеме ли да направиме нешто попристојно? Не ни паѓа на памет. Можеме ли да направиме нешто уште попристојно? Нема ни да разгледуваме”, беше јасен Вучиќ.

На прашањето дали ќе се согласи да оди на дијалог со Албин Курти, Вучиќ рече дека би сакал, но дека никој не му се јавил и дека не гледа смисла во тоа.

Девојче на плажа во Албанија го загуби животот откако полицацец ја удрил со глисер

Арјан Тасе, поранешен началник на градската полиција на Химара на југот на Албанија, е обвинет за убиството на седум-годишната Јонада Авдија, што се случи во вторникот на плажата Потами во Химара.

Седумгодишното девојче загинало откако Тасе ја удрил со чамец додека седела на морскиот брег. Тој за албанските медиуми раскажува дека изгубил контрола над возилото, но очевидци тврдат дека вршел опасни маневри и дека се возел преблиску до брегот.

Авдија летувала со семејството на плажата Потами. Таткото на девојчето сведочел дека Тасе дошол со голема брзина кон него и ќерка му, а чамецот директно удрил во малата Јонада.

Полицијата соопшти дека седумгодишно девојче се здобило со тешки телесни повреди при ударот од пропелерот на моторот и дека починало на лице место.

Тасе првично беше обвинет за убиство од небрежност, но обвинението на крајот беше отфрлено и потоа беше обвинет за тешко убиство. Отпуштени се и 15 полицајци кои тој ден ја чувале плажата.

„Блиц“ пишува дека Тасе се степал со таткото по ужасната несреќа на плажата, а на социјалните мрежи е објавено видео на кое наводно може да се види физичка пресметка меѓу нив двајца.

Во автобуска несреќа во Хрватска загинаа 11 лица, 25 се повредени

Најмалку 11 лица загинаа, а поголем број се тешко повредени во сообраќајна несреќа што се случи утринава околу 5,40 часот на хрватскиот автопат А4 во правец кон Загреб, меѓу местата Јарек Бишашки и Подворец, кога автобус со полски национални таблички излетал од патот, јави Хина.

Десетици повредени се пренесени во болниците во Вараждин и Загреб.

-Засега знаеме дека загинале 11 лица, додека останатите повредени се пренесени во болниците во Загреб и Вараждин. Интервенцијата е завршена, а на теренот се уште се наоѓаат дежурни пожарникари, изјави командирот на противпожарната единица Жељко Наѓ, пренесе Вечерњи лист.

Според неофицијални информации до кои дојде порталот Индекс. хр во несреќата тешко се повредени 25 лица.

Од полициската управа Вараждин кусо соопштија дека на местото на несреќата, покрај полициски службеници од полициската управа Вараждин и Загреб, биле ангажирани и неколку екипи на Брза помош и противпожарна помош од двете жупанија.

Сообраќајот на автопатот А4 во правец кон Загреб се одвива по една коловозна лента со регулација на полициски службеници.

ФОТО: Авион слета на автопат во Словенија

Помал авион попладнево принудно слета на автопатот кај Брежје во правец кон Јесенице во Словенија.

Според полицијата во Крањ, во авионот имало две лица, кои не се повредени. Оттаму додаваат дека е обезбеден делот од патот каде што е извршено принудното слетување.

Според Словенечката служба за безбедност и спасување, околу 14 часот и 30 минути добиле дојава дека авионот принудно слетал на автопатот. Според извештаите, авионот при слетувањето удрил во насип и се превртел.

Луѓето кои биле во авионот успеале сами да излезат од него.

На терен се пожарникари од Крањ и Јесенице, како и членови на доброволната противпожарна служба од Радовљица.

Како што беше кажано на аеродромот во Леска, авионот полетал од нивната писта и се било во ред додека не ја изгубиле комуникацијата со него. За време на летот, пилотот се приклучил на фреквенцијата на словенечката служба за контрола на летање.

Според N1 Словенија, авионот имал проблеми со моторот. Пилотот пријавил дека принудно слетал и тоа го направил на автопатот.

Понатамошната истрага ќе утврди дополнителни детали во врска со овој настан.

Засега е познато дека авионот летал на околу 300 метри надморска височина, на подрачје кое не е контролирано од словенечката контрола на летање и каде претежно летаат спортски авиони.

Популарно