На ГП „Табановце“ и на „Богородица“ се чека до еден час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП „Табановце“ за влез во државата се чека околу еден час, а на ГП „Богородица за излез од државата се чека од 30 минути до еден час, информира АМСМ.

На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Пендаровски: Лоши сме во битката против корупцијата

Лоши сме во битката против  корупцијата, а немаме капацитет за ветинг, оцени претседателот Стево Пендаровски, во синоќешното гостување во емисијата „Патот кон“ Алсат М, прашан за процесот на ветинг.

Според него, правосудниот систем во земјава испорачува слаби резултати, но, како што укажува,  не е само тој надлежен за борбата против корупцијата.

-Нашето однесување, на политичарите на локално и централно ниво во однос на непотизам, тендери, наддавање, е примарен генератор за корупцијата да биде на вакви размери. За волја на вистината, перцепцијата за корупцијата е прилично поправена како оценка, но не е доволно и во западно-балкански рамки. Треба да бидеме најдобри на Западен Балкан и да почнеме да се мериме со европскиот просек. Далеку сме од просекот, посочи претседателот.

Тој е за ветинг, но прашува кој ќе го спроведува.

-Околу ветингот, секој од нас од политичарите особено после изјавата на американската амбасадорка дека дошол некој посебен тим кој ќе прибира информации, дава некави изјави, но еве прашувам кој ќе го спроведува? Кој орган? Дали е тоа истиот човечки материјал кој доведе до овие осум проценти доверба во правосудството? Подобро е со личен пример да покажеме дека сме насочени кон тоа да имаме нула толеранција кон корупцијата, први кај нас и во нашето непосредно опкружување, рече Пендаровски.

Пендаровски најави дека е можно да се кандидира за втор мандат на наредните претседателски избори.

-Ако граѓаните се задоволни од мојот мандат, здравје Боже до 2024 година, и се разбира ако добијам политичка поддршка од коалицијата што ме поддржуваше во претходните два пати, ќе размислам на таа тема, рече Пендаровски.

Се празнува 8 Декември – Св. Климент Охридски

Во земјава денеска со низа настани се одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Пред споменикот на Св. Климент Охридски пред Националната универзитетска библиотека во Скопје, собраниска и владина делегација ќе положи цвеќе, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „Св. Климент Охридски“.

Во состав на владината делегација ќе бидат заменик министерот за правда Агим Нухиу, заменик министерот за финансии Филип Николоски и заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, а во состав на собраниската делегација потпретседателот Горан Мисовски, Даниела Марковска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Во областа на воспитанието и образованието, годинава наградата ќе му биде доделена на универзитетскиот професор д-р Африм Османи, наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на писателот – академик Влада Урошевиќ и на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува на кардиохирургот професор д-р. Сашко Јовев.

Св. Климент Охридски е патрон и на Охрид каде празнувањата почнаа завчера. Чествувањата продолжуваат и денеска со поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник. Потоа предвидено е полагање цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“ и на монументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад, како и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.

Програмата ќе се заокружи со настап на Македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски на големата сцена во центарот за култура „Григор Прличев“.

Денешниот ден е прогласен за неработен ден во државата. 

Минималната потрошувачка кошничка во ноември 51.714 денари

Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во ноември изнесувале 51.714 денари и се за 200 денари зголемени во однос на октомври, а за 1.490 денари во споредба со септември.

Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, за храна во ноември биле потребни минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци 12.983 денари што е повеќе од половина од синдикалната минимална кошничка.

Останатите средства, односно 3.668 денари се минимум потребни за превоз, 2.986 денари за хигиена и 2.250 денари за облека или обувки. За културни активности, според синдикалната минимална кошничка, остануваат 1.067 денари, а за здравствени услуги само 799 денари. 

Популарно