Посебен режим на сообраќај за вечерашниот фудбалски натпревар во Скопје

Посебен режим на сообраќај денеска ќе има на сообраќајниците во близина на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје поради фудбалскиот натпревар на репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија од Лигата на нации што почнува во 20.45 часот.

Министерството за знатрешни работи соопшти дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на возилата по околните сообраќајници.

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите на полицијата заради безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Арачиновец заврши во притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишник од Арачиново, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство според член 123 став 3 во врска со член 19 (во обид). Освен тоа, за осомничениот е поведена постапка и за – Предизвикување општа опасност по член 288 став 1 од Кривичниот законик.

На 11 септември, осомничениот се обидел со умисла да лиши од живот две лица, кои вербално протестирале затоа што со голема брзина управувал автомобил „Ленд ровер“ по плочникот кај трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром, предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на луѓето.

Во моментот кога оштетените му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди.

Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.

Бесплатни паркиралишта утре во Скопје по повод Денот на независноста

Јавните паркиралишта Народен фронт, АМСМ, Дом на печат, ЗОИЛ, Тутунски комбинат и „8 Септември“ утре, на Денот на независноста, ќе бидат слободни за паркирање, односно паркирањето возила нема да се наплаќа.

-Јавните површини наменети за паркирање (зонските паркиралишта), исто така ќе бидат слободни за паркирање, освен зона А0 (Водно), каде што продолжува редовно работно време 9:00 - 16:00 часот,  соопшти ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

Јавните паркиралишта, пак, „Кочо Рацин“, Градска болница, Клинички центар „Мајка Тереза“, „Треска“, како и катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“, ќе работат со редовно работно време од 00:00 до 24:00 часот.

Пожар кај населба Лисиче, гори трева, нема опасност по околните куќи и згради

Во пожарот кој пред малку изби во Скопје на ул. Тодор Чангов во населба Лисиче, спроти Рагуза, гори трева, соопшти ЦУК.

-Го гаснат две цистерни на скопската Против - пожарна бригада со осум пожарникари и не претставува опасност за околните куќи и згради. Пожарот е под контрола, наведуваат од ЦУК.

Пожарот избил околу 18.25 часот, и досега има повеќе пријави на 112.

Популарно