Борел повторно ги покани на средба Вучиќ и Курти

Косово и Србија синоќа успеаја да постигнат начелен договор за излез од кризата, а сега ЕУ повторно ги кани лидерите за да се зацементира процесот.

Како што соопштија од европската служба за надворешни работи синоќа, Приштина и Белград на ниво на главните преговарачи успеаја да избегнат ескалација околу проблемите со регистарските таблици и да го вратат фокусот на дијалогот под водство на ЕУ и шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел.

Србија се согласи да не издава КМ таблици за Србите во Косово, а Приштина вети дека нема да ги казнува граѓаните со такви таблички.

Но, ова е само почеток на враќање на преговарачката маса.

Портпаролот за надворешни работи, Петер Стано, денеска на редовниот брифинг за новинари во Европската комисија изјави дека се поканети српскиот претседател, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, на нова средба.

– После договорот вчера важно е да се продолжи, високиот претставник Борел ги покани двајцата лидери во Брисел да продолжат да работат на нормализација на односите и дијалогот, работата продолжува. Договорот од вчера не е краен договор, тој ќе овозможи да се влезе во нова етапа и да се работи на прашањата на одржлив начин, рече Стано.

ЕУ очекува сега одговор од двете страни и ќе информира дали и кога ќе се одржи следната средба со Вучиќ и Курти во рамките на Дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно