Утре целосна блокада на три клучни крстосници во градот

Приватните превозници утре понеделник, 5 декември од 6 часот ќе го блокираат Скопје со протести на три клучни крстосници во градот.  Автобусите на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ ќе бидат паркирани на крстосниците кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и на Илинденска кај Владата.

Долгот на Град Скопје кон „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ заклучно со месец октомври е 1,5 милиони евра. Градоначалничката Данела Арсовска нема намера да го плати долгот туку им порача на превозниците да тужат.

„Градоначалничката Данела Арсовска ниту не прими на средба ниту одговори на нашиот предлог за компромис. Понудивме да ни исплати дел од долгот и ние ќе продолжиме да возиме додека го спроведе огласот за избор на превозници. Ова решение ѝ го понудивме поради граѓаните и јавниот интерес, но не добивме никаков одговор“, велат приватните превозници кои со сите 200 автобуси и 300 возачи ќе го блокираат градот.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека поради најавениот протест во Скопје ќе има посебен режим на сообраќајот.

„Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на булевар Илинден од крстосницата со булевар Св. Климент Охридски до крстосницата од булевар 8 Септември, на улица 11 Октомври и булевар Кочо Рацин кај Црвен крст и  на крстосницата од булевар Гоце Делчев и Крсте Мисирков кај Судска палата. Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот“, велат од МВР.

(Фото) Патниците во оваа скопска населба наоѓале мир и си ја враќале силата

Приказната за општината Kисела Вода е дека кон крајот на 18 век, на источната страна на денешната општина Kисела Вода, се откриени извори на минерална, кисела вода, кои бликале под карпата на поранешен каменолом.

Патниците таму наоѓале мир и си ја враќале силата за патот што ги очекувал, па полека почнало да се раскажува дека водата е лековита и има исцелителска моќ. Подоцна населението изворот го регулирал со три чешми. До него се изградени црквите „Свети Ѓорѓија“ и „Свети Никита“, а општината почнала да се вика Kисела Вода.

Кисела Вода е  општина во градот Скопје. Зафаќа површина од 46,86 км2 и се простира во југоисточниот дел на Скопската котлина. Таа се граничи со општина Центар како и со ноформираните општини Аеродром, Студеничани и Сопиште. Според податоците од последниот попис на територијата на Општина Кисела Вода има вкупно население од 58.216 жители од кои 91,2% се Македонци. На територијата на општината функционираат 13 месни заедници.

Во рамките на општината егзистираат повеќе спортски клубови кои успешно се натпреваруваат во сите македонски лиги. Во границите на Општина Кисела Вода постојат повеќе цркви и манастири кои се главна туристичка дестинација во овој регион.

Водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и може непречено да се користи

Мониторингот опфати девет клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.

-Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје. 

Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа.

Вчера беше извршена санацијата и реконструкцијата на градскиот водовод во Скопје, во која учестуваа повеќе од 160 лица технички персонал на ЈП Водовод и канализација, како и 150 административен персонал.

Градоналничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по санацијата изјави дека станува збор за модернизација што за првпат се случува во повеќе од 50, односно скоро 60 години во градот Скопје.

Поради овој сложен оперативен план за санација на главниот цевковод поголем дел од Скопје вчера беше без вода од околу 2 часот, се до санирање на дефектот околу 14 часот, по што започна со постепено полнење на магистралниот цевковод на градот.

Популарно