На полноќ почнува предизборниот молк пред претседателските избори во Црна Гора

На полноќ почнува изборниот молк во пресрет на изборите за претседател на Црна Гора, кои ќе се одржат в недела.

На изборите ќе учествуваат лидерите на повеќе партии, меѓу кои Мило Ѓукановиќ од Демократската партија на социјалистите , Андрија Мандиќ од Новата српска демократија, Алекса Бечиќ од Демократи и Горан Даниловиќ од Обединета Црна Гора.

Кандидати за претседател се и еден од лидерите на Движењето Европа сега Јаков Милатовиќ, членот на Социјалдемократската партија Драгиња Вуксановиќ Станковиќ и инфлуенсерот Јован Радуловиќ.

Право на глас на претседателските избори имаат 542.154 граѓани. Најмногу гласачи има во Подгорица – 143.608, а најмалку во Шавник – 1.777.

Избирачките места ќе бидат отворени од 7 до 20 часот.

Претседателските избори на 19 март ќе бидат четврти од обновувањето на независноста и осми од воведувањето на повеќепартискиот систем.

За претседател на Црна Гора ќе биде избран кандидатот кој добил повеќе од половина од важечките гласови на гласачите кои гласале.

Доколку ниту еден кандидат не го добие тој број гласови, втор круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, на 2 април.

Во вториот изборен круг учествуваат двајцата кандидати кои ќе добијат најголем број гласови.

Во вториот круг за претседател на државата ќе биде избран кандидатот кој добил најголем број гласови.

Досега претседатели на Црна Гора беа Момир Булатовиќ, Филип Вујановиќ и Мило Ѓукановиќ.

Претседателот се избира на пет години.

Белград: Загина возач на автобус откако добил срцев удар зад воланот, повредени повеќе лица

Возачот на белградското ГСП Живота М.(61) вчеравечер починал зад воланот на автобусот на релација 56, откако му се слошило.

Несреќата се случила околу 19.20 часот кога возачот најверојатно доживеал срцев удар, изгубил контрола над зглобниот автобус, удрил во четири автомобили и влетал во оградата на паркингот лоциран на раскрсницата од улиците „Трговачка“ и „Браќа Вучковиќ“.

Во оваа несреќа повредени се и неколку патници.

На 21 мај парламентарни избори во Грција

Парламентарните избори во Грција ќе се одржат на 21 мај 2023 година, соопшти претпладнево грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на денешната владина седница

Нова демократија победи на изборите на 7 јули 2019 година, парламентарните избори за нешто помалку од два месеци се регуларни, а Мицотакис континуирано го изразуваше ставот дека ќе го исцрпи четиригодишниот мандат.

Вучиќ: Во јуни следуваат големи промени поради Украина, Американците создаваат блок во Европа

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека она што се случува во глобалната политика, а пред се во Европа, ќе ја промени динамиката на односот на Србија со ЕУ и дека се одвива паралелен процес под влијание на САД, во кој се создава посебен блок во Европа, кој може да стане најсилен, јави дописиникот на МИА од Белград.

-Тоа треба да се случи веќе во јуни, бидејќи Украина нема лесно да победи во воена смисла и очекувам да добие голема динамика на европскиот пат. Следува итно запонување на европски преговори со можност за брз влез во ЕУ затоа што Американците прават посебен блок во Европа кој не е мал. Полска, балтичките земји плус Украина, тие пет земји. Ќе имате земји кои се поголеми од Франција и се приближуваат кон Германија. Тогаш е јасно дека тој квинтет или секстет со Романија станува најсилен во Европа после Германија. Ние сакаме да се позиционираме како централноевропска земја, затоа имаме поблиски односи со Унгарија. Тоа ќе ја промени динамиката на нашиот однос со Европа. Сакам да верувам дека тоа ќе биде во позитивна смисла, но за нас има ограничувачки фактори во однос на санкциите против Русија и Косово, рече Вучиќ на ТВ Пинк.

Како што рече, Америка ќе биде доминантна, ќе следи договор со Европа, но со барање во иднина да спроведат мерки кон Кина, какви што спроведуваат САД.

– Интересно е што се случи на седницата на Советот на Европа, важна промена кон Кина, до сега таа беше наш економски партнер, наш конкурент и стратешки ривал. За првпат Урсула фон дер Лајен рече – стратешки ривал. Америка ќе биде доминантна во Европа. Кина ја гледа како стратешки противник. Затоа ќе биде интересна посетата на Фон дер Лајен и Макрон на Кина, рече Вучиќ.

Вучиќ се осврна на односите со Унгарија, потсетувајќи на изјавата на Виктор Орбан дека, историски гледано, тие се на највисоко ниво. Како што рече, со Орбан има старатешки дијалог и очекува средба меѓу двете влади во мај, која ќе доведе до формирање на ново тело, односно стратешки совет.

На прашањето што мисли за потерницата издадена од Меѓународниот кривичен суд (МКС) против рускиот претседател Владимир Путин, Вучиќ одговори дека ја смета за политички многу лоша одлука која ќе чини многу во животот на Русите и Украинците, но и со големо влијание врз економијата на цела Европа

-Ќе треба да седнете со Путин за да разговарате, а како можете да разговарате со него и да му го оставите ова? Како воопшто мислите да направите некаков договор, а ова да остане како Дамаклов меч над главата. Зошто го ограничивте?,праша Вучиќ.

Тој посочи дека МКС презел обврска која не знае како ќе ја спроведе.

Популарно