ОЈО бара притвор за затвореникот кој вчера со пиштол ограби обложувалница во Маџари

Основното јавно обвинителство бара притвор за затвореникот кој вчера избега од затворот „Идризово“, па со пиштол ограби обложувалница во Маџари.

-Иако се работи за осудено лице на издржување затворска казна, постојат околности кои укажуваат на  опасност од бегство, а и особени околности укажуваат на тоа дека осомничениот  ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, соучесници, прикривачи и го оправдуваат  стравот дека тој ќе го повтори или ќе стори ново кривично дело. Од тие причини јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, велат од ОЈО.

Јавното обвинителство во детали опиша што се случувало вчера во Маџари.

-Осуденото лице избегало од КПУ „Идризово“, каде требало да издржува казна затвор заклучно со јануари 2027 година. Потоа тој дошол до обложувалница во населбата Маџари, влегол во објектот и од зад грб му пришол на вработениот. Му се заканил со пиштол и го принудил да ги извади парите од сефот и да ги стави во црна најлонска вреќа. Самиот осомничен продолжил да пребарува по фиоките каде пронашол уште пари и ги ставил во вреќата. На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска став 1 од Кривичниот законик и се стекнал со противправна имотна корист од 593.525 денари. На излегување,  го одзел клучот од влезната врата на просторијата за наплата и откако  излегол од просторијата го заклучил вработениот внатре. При бегањето, осомничениот го забележале полициски службеници кои го лишиле од слобода во близина на местото на настанот, се вели во дописот.

Денес се навршуваат 18 години од смртта на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески

Денеска се навршуваат 18 години од смртта која го потресе целиот регион. На денешниот ден Тоше Проески го загуби животот на 26 години во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска.

Автомобилот во кој се наоѓаше македонсиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.

Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за ден на жалост.

Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.

Почина Панчо од ДНК

По неколкумесечна борба за живот, почина Владимир Блажев, попознат како Панчо, кој настрада во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Блажев почина во болницата каде што се лекуваше од тешките повреди здобиени во огнената стихија.

По пожарот, Панчо беше пренесен во болницата „Систина“, каде што го продолжи своето лекување и во изминатите месеци беше подложен на неколку операции. Тој е 63-тата жртва од пожарот во клубот „Пулс“, во кој животите вокалистот на ДНК, Андреј Ѓорѓиевски, придружниот вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.

Македонец до смрт претепан во Словенија

Пронајденото безживотно тело кое во петокот беше пријавено во полицијата на Љубљана е на 38-годишен државјанин на Македонија, потврди портпаролката на полициската управа во Љубљана, Шпела Шкопорц.

Неофицијално лицето било претепано до смрт.

„Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, наредена е судска обдукција, но причината за смртта сè уште не е разјаснета. Интензивната кривична истрага сè уште е во тек. Надлежното државно обвинителство ќе биде известено за сите наоди“, изјави нивната портпаролка. 

Популарно