Дојави за бомби во основни училишта во Белград и Крагуевац

Во неколку основни училишта низ Србија од утрово пристигнуваат дојави за бомби, јави Нова.рс.

Како што пренесува Н1, во тек е увид во некои училишта, по што ќе се знае дали учениците ќе влезат во училниците.

За некои училишта веќе е утврдено дека се работи за лажни дојави.

Дојави за бомби утрово добиле и две основни училишта во Крагуевац.

Полицијата ги евакуирала и тие објекти, каде во тек е контрадиверзантски увид, јави Ucentar.rs.

Српска листа прогласи тридневна жалост за тројцата Срби убиени во северно Косово

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, прогласи тридневна жалост за смртта на тројцата Срби, кои беа убиени во Бањска, по нападот врз косовската полиција во неделата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страница на Фејсбук, партијата го нарече настанот трагичен.

Според соопштението, „во српските средини на територијата на Косово ќе бидат откажани сите забавни настани организирани од органите и институциите на локалната самоуправа, а знамињата на Република Србија во сите институции ќе бидат спуштени на половина копје“.

– Од името на Српската листа и српскиот народ од Косово и Метохија изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување, се вели во објавата на СЛ.

Група од над триесет вооружени и маскирани лица рано наутро на 24 септември убија еден полицаец и ранија уште еден во селото Бањска, во северно Косово. Во акцијата што уследи на косовските специјалци беа убиени четворица од напаѓачите и уапсени шест лица. Другите членови на групата, меѓу кои имало и ранети, првично се засолнија во православниот манастир во Бањска, а потоа побегнаа во Србија, соопштија официјални косовски извори.

Вјоса Османи го прогласи за „Херој на Косово“ полицаецот кој загина во вчерашниот напад во северно Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го одликува со орденот „Херој на Косово“ полицаецот Африм Буњаку, кој беше убиен вчера во северно Косово од организирана група од триесетина маскирани и вооружени лица, кои од косовските власти, но и од повеќе западни центри, беа оквалификувани како терористи, јави дописникот на МИА од Приштина.

На церемонијата, на која им го предаде орденот на децата на убиениот Буњаку, Османи рече дека тој паднал во одбрана на достоинството на Република Косово.

– Денеска му оддаваме почести на еден храбар и несебичен полициски наредник кој го жртвуваше својот живот за заштита на нашите граѓани. Африм Буњаку и другите припадници на полицијата беа предизвикани од криминалната банда. Нашиот херој, Буњаку беше силен столб на косовската полиција. Тој беше посветен слуга на татковината. Тој остана цврст во одбрана на законот и против терористичките групи поддржани од Србија, чија цел беше да го вознемират не само Косово, туку и регионот, рече Османи.

Таа порача дека битката за воспоставување ред и мир е еден од најголемите предизвици во секое општество, додека наследството на Буњаку треба да послужи како потсетник дека хероите се секогаш меѓу граѓаните на земјата.

Османи му оддаде признание на полицаецот Буњаку, затоа што, како што рече, „го стави интересот на Републиката пред личната судбина“. 

ВИДЕО: Вучиќ за денешните немири на северот на Косово: Курти е крив за се

„Курти е крив за се што се случи денеска. Само Курти и тие што му дозволиле да се случи ова“. Овие пораки неколкупати ги повтори вечерва претседателот на Србија, Александар Вучиќ на вонредната прес-конференција по врска со немирите на северот на Косово. 

„Ноќеска околу 2:46 часот група на Срби постави два камиони како барикади, доаѓа тука косовската полиција и доаѓа до престрелка во која е убиен косовски полицаец, и рането едно лице. Според нашите информации тројца Срби од Косово настрадаа, двајца од снајперски оган, двајца тешко ранети, а постои информација дека е убиено уште едно лице. Пукано е на приватни куќи“, вече Вучиќ.

Српскиот претседател кажа зошто дошло до судир.

„Зошто дојде до ова? Србите се побунија, не сакаат да го трпат теророт на Курти. Не сакам никако да го оправдам убиството на косовскиот полицаец, и тоа е за осуда, и тука нема никакво меѓутоа“, изјави претседателот на Србија.

Популарно