Меџити: Нема недостиг на „амоксиклав“ во земјава

Министерот за здравство Фатмир Меџити тврди дека во земјава нема недостиг на лекот „Амоксиклав“. 

- Некој кажал дека нема, тоа можеби е индивидуално. Во регионалните земји го има, можеби тие имале некои резерви. Се слушнав со директорот на „МАЛМЕД“, во моментов не постои таков проблем. Снабдени сме со „амоксиклав“ и го има во моментов, изјави Меџити, одговарајќи на новинарски прашања.

За само една минута до уверение за државјанство: Е-услугата ќе биде достапна 24/7 на граѓаните

Министерството за внатрешни работи денес ја промовираше наградената услуга за електронско издавање на уверение за државјанство која е достапна преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk

„Услугата која и досега беше достапна на порталот иако можеше да се аплицира во секое време, сепак издавањето на е-државјанството беше можно само во работно време. Отсега услугата станува целосно дигитална и граѓаните може да аплицираат во секое време и за само една минута по поднесувањето на барањето, доколку е се во ред, добиваат позитивен одговор и можат да го симнат документот од системот. Дигитализација на услугите и процесите во министерството се еден од нашите врвни приоритети како Влада и како министерство. Граѓаните заслужуваат брзо и ефикасно да ги добиваат своите документи кои институциите се должни да им ги обезбедат. Дополнително процесите на дигитализација во огромен процент ја намалуваат можноста од корупција од која страда нашето општество, така што преку дигитализацијата се води и борбата со корупцијата.“, истакна министерот Тошковски.

Националниот портал uglugi.gov.mk минатата недела беше ребрендиран и редизајниран од министерството за дигитална трансформација, е централен портал каде се достапни сите електронски услуги на институциите во државата.

Тошковски потенцираше дека се министерството за внатрешни работи забрзано работи и на дигитализација и на други услуги кои ќе бидат достапни за граѓаните во следниот период.

Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби дека го претставува Белград

Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби „Српска листа“ дека е под команда на Белград, додека властите ја разгледуваат нејзината жалба против забраната за учество на претстојните парламентарни избори.

-Српската листа, за жал, го претставува широкиот опсег и високиот степен на мешање на Србија во внатрешните работи на Косово, изјави синоќа Курти на новинарите.

Централната изборна комисија на Косово во понеделникот и забрани на Српска листа да учествува на изборите на 9 февруари, наведувајќи го „националистичкиот став на партијата и блиските врски со Србија“.

Партијата вчера поднела претставка до надлежните органи во Приштина. Член на изборното тело рече дека не може да одобри „структура која отворено не ја признава државата Косово“.

Доколку повторно биде одбиено учеството на изборите, „Српска листа“ ќе има право на жалба по втор пат до Врховниот суд, чии одлуки се конечни.

Курти, исто така, рече дека Србија му дава азил на поранешниот потпретседател на партијата Милан Радојчиќ, чија екстрадиција бара Приштина, откако тој ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција во близина на манастирот во Банска, северно Косово, во септември 2023 година.

Филипче со понуда: Да направиме заедничка натпартиска државна стратегија, тоа е реален патриотизам

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференцијата по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, упати повик за заедничка, натпартиска стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.

„Во изминатите шест месеци слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби,“ истакна Филипче.

СДСМ, како конструктивна опозиција, нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија.

„Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување,“ изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ предложи конкретни чекори за изработка на таквата платформа.

„Од денес им нудам формирање на тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира,“ истакна Филипче.

Со овој пристап, според СДСМ, може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата.

„Само така ќе може да обезбедиме долгорочен развој. Само ако така сакаат да работат и ако се искрени во намерите ова ќе го прифатат. Ова е реален патриотизам,“ заклучи Филипче.

СДСМ е подготвена за натпартиска соработка која ќе го стави интересот на граѓаните и државата пред политичките манипулации и поделби.

Популарно