Бесплатни паркиралишта утре во Скопје по повод Денот на независноста

Јавните паркиралишта Народен фронт, АМСМ, Дом на печат, ЗОИЛ, Тутунски комбинат и „8 Септември“ утре, на Денот на независноста, ќе бидат слободни за паркирање, односно паркирањето возила нема да се наплаќа.

-Јавните површини наменети за паркирање (зонските паркиралишта), исто така ќе бидат слободни за паркирање, освен зона А0 (Водно), каде што продолжува редовно работно време 9:00 - 16:00 часот,  соопшти ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

Јавните паркиралишта, пак, „Кочо Рацин“, Градска болница, Клинички центар „Мајка Тереза“, „Треска“, како и катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“, ќе работат со редовно работно време од 00:00 до 24:00 часот.

Водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и може непречено да се користи

Мониторингот опфати девет клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.

-Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје. 

Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа.

Вчера беше извршена санацијата и реконструкцијата на градскиот водовод во Скопје, во која учестуваа повеќе од 160 лица технички персонал на ЈП Водовод и канализација, како и 150 административен персонал.

Градоналничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по санацијата изјави дека станува збор за модернизација што за првпат се случува во повеќе од 50, односно скоро 60 години во градот Скопје.

Поради овој сложен оперативен план за санација на главниот цевковод поголем дел од Скопје вчера беше без вода од околу 2 часот, се до санирање на дефектот околу 14 часот, по што започна со постепено полнење на магистралниот цевковод на градот.

Заврши санацијата и реконструкцијата на градскиот водовод во Скопје, во следните три часа се очекува нормализирање на состојбата

Заврши санацијата и реконструкцијата на градскиот водовод во Скопје и во следните три часа се очекува нормализирање на состојбата. Ова го соопштив денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, од улица „Никола Парапунов“, местото каде што минатата недела настана главниот дефект со излевање на водата.

- Би сакала да им се заблагодарам на техничките и стручните лица од ЈП „Водовод и канализација“ за храброста што ја имаа и што ја истакнаа својата експертиза и стручност за овој повеќедецениски проблем кој го завршија во рекордно време, рече Арсовска.

Во извршувањето на оваа реконструкција, Арсовска рече учествувале повеќе од 160 лица технички персонал на ЈП Водовод и канализација, како и 150 административен персонал.

-Отпочнувајќи од два часа наутро, кога практично отпочна престанокот на вода од магистралниот цевковод, до пред неколку часа е целосно санирано успешно и стручно од страна на службите на Јавното претпријатие и веќе е отпочнато со пуштање на водата, полека, за притисокот којшто во овој момент се креира, практично, не би предизвикал некакво оштетување на нашата мрежа, рече Арсовска.

Со полнење на магистралниот водовод, посочи, е започнато пред околу два часа и потребни се дополнителни три часа за нормализирање на состојбата.

-Од она кое што ЈП „Водовод и канализација“ информира, отпочнато е со полнење на магистралниот водовод од пред скоро час и половина и ќе треба некои дополнителни три до четири часа за да се нормализира, за да се стабилизира состојбата, односно да се дојде до целосно полнење и враќање на притисокот во нормала, вели Арсовска.

Операцијата, додаде, опфаќала вадење на елементи од самите затворачи и носење на истите во Јавното претпријатие, каде што на соодветна апаратура, практично, биле креирани нови кои што ги замениле старите.

-Она кое што ЈП го имаше пуштено преку соопштение беше оптималното сценарио од 15 часа, како граѓаните би знаеле кој е рокот, во којшто доколку се оди според предвиденото би успеале да се вратат магистралниот цевовод и она водоснабдување кое што нашите сограѓани го имаат во нормала. Нормално, нашите експерти луѓето како помошно-технички и машинските инженери, водоводџиите кои работеа на овој проект успеаја навистина во најкраток можен рок да го завршат истото, затоа што оваа операција опфаќаше не само во моментот работа на терен, туку и вадење на оние елементи од самите затворачи, носење на истите во Јавното претпријатие, каде што на соодветна апаратура беа креирани практично нови, со кои што беа заменени старите и оваа модернизација е нешто што за првпат се случува во повеќе од 50, односно скоро 60 години во градот Скопје, рече Арсовска.

Покрај реконструкцијата со која се подобрува водоводниот систем, рече, важно е да се напомене дека се намалуваат загубите на вода за кои што две децении било алармирано.

– Многу ми е жал за паниката што се креираше во јавноста, вообичаено тоа знаете дека е од политички причини. Се надевам дека граѓаните не потпаднаа под влијание на она кое што можевте да го чуете. Она што е исклучително важно е дека не само што се модернизира и подобрива системот, се намалуваат загубите на вода кои што две децении е алармирано од целокупната јавност дека од прилика 60 отсто на територијата на водоводот на градот Скопје и дополнително се предизвикува со оваа санација, модернизација и репарација, подобрување на водоснабдувањето и зголемување на притисок за жителите на општината Карпош и општината Ѓорче Петров, рече Арсовска.

Поголем дел од Скопје без вода, санацијата треба да заврши за најмногу 15 часа

Поголем дел од Скопје денеска е без вода поради најавениот сложен оперативен план за санација на главниот цевковод. Надлежните уверуваат дека санацијата ќе заврши за најмногу 15 часа, а Институтот за јавно здравје излезе со препораки до граѓаните. Поради најавената санација, изминатите денови беше забележана зголемена продажба на вода по маркетите.

Според информациите од „Водовод и канализација“ без вода ќе бидат најголем дел од населбите низ градот. Вода ќе има само во Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарска до Американска амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од СП Планет, Сарај, Шутка, Топанско поле, Новоселски пат, населба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман.

За санирање на дефектот треба да биде запрена водата од главниот градски цевковод Ф-1600, а покрај оваа локација, ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод.

Од „Водовод и канализација“ вчера информираа дека е изготвен оперативен план со кој се предвидува прецизна постапка со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат.

- Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во Општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на 6 сегменти каде во изминати децении се нотирани огромни загуби вода. Со затварање на Главниот Градски цевковод Ф1600мм поради санација на 5 затварачи по должина на оваа линија на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со ул. „Никола Парапунов“ ќе се изврши: Замена на нефункционален затварач Ф 400мм на кружен тек во Ѓорче Петров, Репарација на затварач Ф600мм на мост „Обединети нации“ кој тече, Заптивање на затварач Ф700мм на булевар „Партизански одреди“ кој протекува и замена на затварач Ф150 кој се наоѓа во истата шахта, Санација на затварач Ф700мм и Ф500мм на ул. „Никола Парапунов“ и Замена на 4 водушни вентили“, информираа од ЈП „Водовод и канализација“  - Скопје.

Од Институтот за јавно здравје издадоа препораки за граѓаните. Се препорачува складирање на вода најмалку четири литри вода по лице на ден, да се користат средства за дезинфекција на раце ако нема достапна вода, да се готват оброци кои не бараат многу вода за подготовка и миење...

На Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и на ТОАРИЛУЦ непречено ќе се реализираат најитните интервенции. Директорите на двете установи во изјава за МИА информираа дека се преземени сите неопходни чекори за да нема застој кај итните интервенции. 

- Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организираше зголемен број медицински тимови кои ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето, изјави директорката на ТОАРИЛУЦ Марија Срцева за МИА.

Проблеми во работата не очекува и директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов. - Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7, изјави Настов за МИА.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во вторникот во изјава за медиумите рече дека нема да има потреба од дотур на вода, затоа што санацијата на дефектот нема да трае повеќе од една редовна санација на кој било друг дефект во градот.

- Техничките лица на јавните скопски претпријатија се подготвени согласно планот да направат што е можно во пократок рок, така што за истото нема да има никаква потреба од дотур на вода, затоа што нема да трае ништо повеќе од една редовна санација на кој било дефект што го имаме во градот, рече Арсовска.

Најавената санација ги натера скопјани во изминатите денови да купуваат поголеми количини вода. Во дел од маркетите што ги посети МИА, рафтовите со вода, особено тубите над пет литри, се празнеа.

-Како што ги редиме, ги земаат, рече една од продавачките. 

И угостителите обезбедуваа резерви, а некои од нив најавија дека би можеле и воопшто да не работат. Велат дека доколку прекинот со вода трае два - три дена или повеќе, тие ќе имаат големи штети.

Популарно