Српска листа прогласи тридневна жалост за тројцата Срби убиени во северно Косово

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, прогласи тридневна жалост за смртта на тројцата Срби, кои беа убиени во Бањска, по нападот врз косовската полиција во неделата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страница на Фејсбук, партијата го нарече настанот трагичен.

Според соопштението, „во српските средини на територијата на Косово ќе бидат откажани сите забавни настани организирани од органите и институциите на локалната самоуправа, а знамињата на Република Србија во сите институции ќе бидат спуштени на половина копје“.

– Од името на Српската листа и српскиот народ од Косово и Метохија изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување, се вели во објавата на СЛ.

Група од над триесет вооружени и маскирани лица рано наутро на 24 септември убија еден полицаец и ранија уште еден во селото Бањска, во северно Косово. Во акцијата што уследи на косовските специјалци беа убиени четворица од напаѓачите и уапсени шест лица. Другите членови на групата, меѓу кои имало и ранети, првично се засолнија во православниот манастир во Бањска, а потоа побегнаа во Србија, соопштија официјални косовски извори.

Силен земјотрес во Србија

Два земјотреси рано утринава се регистрирани во Петровац на Млава, Србија.

Првиот земјотрес бил со јачина од 4,1 степени, додека вториот 2,4 степени според Рихтеровата скала, објавено е на официјалната веб-страница на Сеизмолошкиот завод.

Двата земјотреси се регистрирани на длабочина од седум километри.

Во овој град земјотрес беше регистриран и во неделата на 3 декември. Тогаш исто така беа забележани два земјотреси, првиот со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала, додека вториот 2,6 степени.

Состојка опасна за црниот дроб и белите дробови е пронајдена во чај од Хрватска направен од листови нане од Србија

Системот за брзо предупредување за безбедност на храна на Европската унија (RASFF) на својата веб-страница објави дека се повлекува уште еден производ во Хрватска.

Станува збор за чај од нане од Хрватска со суровина, листови од нане, набавен во Србија. Пиролизидинските алкалоиди се пронајдени во чајот.

Како што предупредува RASFF, ризикот по здравјето може да биде сериозен, пренесува N1.

Пиролизидинските алкалоиди (ПА) можат да бидат многу токсични за луѓето. Пиролизидинските алкалоиди ги произведуваат растенијата за да се одбранат од штетници и тревопасни животни и се идентификувани во приближно 6.000 ботанички видови.

Овие состојки можат да бидат многу опасни за црниот дроб и белите дробови, а случаите на токсичност на црниот дроб од внесување растенија со овие супстанции датираат од 1920-тите.

Хрватската агенција за храна (ХАХ) наведува дека во високи дози може да доведе до откажување на црниот дроб, што може да резултира со смрт.

Приведени двајца ученици во Србија: Испраќале мејлови за поставени бомби во училишта

Припадници на МВР во Србија, во соработка со Антитерористичката служба, идентификувале и пронашле двајца ученици од основно училиште на возраст од 12 и 13 години кои, како што се сомнева, во претходниот период праќале мејлови за поставени бомби во основните и средните училишта на подрачјето на Нови Пазар, како и во маркет.

Полицијата извршила разговор со момчињата во присуство на нивните родители и го известила Вишото јавно обвинителство во Нови Пазар и Центарот за социјална работа во овој град.

По наредба на Вишото јавно обвинителство Нови Пазар, поднесена е прекршочна пријава против родителите на момчињата поради постоење основи на сомнение дека сториле прекршок со тоа што не извршиле уреден надзор над децата.

Инаку, по пријави за поставени бомби, сите студенти, вработени и граѓани беа евакуирани, а припадници на полицијата извршија увид во објектите и утврдија дека секоја пријава е лажна.

Припадниците на полицијата дополнително го зголемија присуството во училиштата и училишните зони за учениците и сите вработени да бидат уште побезбедни и како и досега веднаш ќе постапуваат по секоја пријава и во соработка со надлежните институции ќе ги преземат сите мерки и дејствија.

Популарно