Приведени двајца ученици во Србија: Испраќале мејлови за поставени бомби во училишта

Припадници на МВР во Србија, во соработка со Антитерористичката служба, идентификувале и пронашле двајца ученици од основно училиште на возраст од 12 и 13 години кои, како што се сомнева, во претходниот период праќале мејлови за поставени бомби во основните и средните училишта на подрачјето на Нови Пазар, како и во маркет.

Полицијата извршила разговор со момчињата во присуство на нивните родители и го известила Вишото јавно обвинителство во Нови Пазар и Центарот за социјална работа во овој град.

По наредба на Вишото јавно обвинителство Нови Пазар, поднесена е прекршочна пријава против родителите на момчињата поради постоење основи на сомнение дека сториле прекршок со тоа што не извршиле уреден надзор над децата.

Инаку, по пријави за поставени бомби, сите студенти, вработени и граѓани беа евакуирани, а припадници на полицијата извршија увид во објектите и утврдија дека секоја пријава е лажна.

Припадниците на полицијата дополнително го зголемија присуството во училиштата и училишните зони за учениците и сите вработени да бидат уште побезбедни и како и досега веднаш ќе постапуваат по секоја пријава и во соработка со надлежните институции ќе ги преземат сите мерки и дејствија.

Над 3.000 универзитетски професори во Србија ги поддржаа студентите

Повеќе од 3.000 универзитетски професори од Србија потпишаа отворено писмо за поддршка на студентите во нивните протести и барања. Бројот на потписници постојано расте, наведува Бета.

„Одлучно стоиме со нашите студенти во заедничката борба за подобро општество“, се вели во пораката на професорите. Тие остро го осудија секој обид на властите да ги заплашат студентите со јавно објавување на нивните приватни податоци и други форми на притисок.

Професорите упатија апел до надлежните институции да постапуваат совесно и одговорно во својата работа.

Ден на жалост во Србија поради трагедијата во Цетиње

Во Србија денеска е Ден на жалост поради убиството на 12 лица и ранувањето на четири лица во градот Цетиње, во јужна Црна Гора.

 Владата на Србија одлуката за Денот на жалост ја донесе на вчерашната седница на предлог на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Седницата почна со едноминутно молчење за жртвите од масовното убиство во Цетиње.

На 1 јануари вооружен маж застрела седум мажи, три жени, меѓу кои и сестра му, и две деца на возраст од 10 и 13 години во Цетиње, по што се застрела во главата и почина на пат кон болница.

Четворицата тешко ранети се во болница.

Комеморација на Цетиње, трет ден на жалост во Црна Гора

По повод масакрот што се случи на 1 јануари во Цетиње, кога беа убиени 12 лица, денеска во Владиниот дом во овој црногорски град се одржа комеморативна седница во чест на жртвите.

Комеморацијата започна со минута молчење за жртвите, по што беше нагласено дека ова е еден од најголемите предизвици кои ги погодиле Цетиње и Црна Гора.

Градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ, истакна дека со тагата која ги обедини сите, се собрале пред еден од најтешките предизвици што ја погодил заедницата.

– Уште една незапаметена трагедија ги погоди Цетиње и Црна Гора. Загубата на 12 животи не остави во шок и неверување. Особено боли загубата на двајца ангели, симболи на невиноста. Оставија празнина во нашите срца. Единствено што можеме е да изразиме искрено сочувство на семејствата и да им помогнеме во нивната болка, изјави Ѓурашковиќ.

Тој додаде дека ова не е само загуба за семејствата, туку и за целото општество.

– Сите треба да се запрашаме – зошто вакво нешто повторно се случи и зошто како општество го дозволивме тоа. Државата мора системски да реагира. Тоа им го должиме на жртвите и нивните семејства. Одговорноста мораме и сакаме јасно да ја бараме, подвлече Ѓурашковиќ.

На комеморацијата присуствуваа претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора Ервин Ибрахимовиќ, бројни министри од Владата на Црна Гора, претставници на локалната власт, како и членови на семејствата на трагично загинатите.

Во пукањето што се случи на 1 јануари во Цетиње, беа убиени 12 лица, а шестмина беа повредени. Напаѓачот, Ацо Мартинојевиќ (45), по крвавиот напад изврши самоубиство.

Поради трагедијата на Цетиње, во Црна Гора беше прогласена тридневна жалост на 2, 3 и 4 јануари.

Популарно