Францускиот документарен филм „Дахомеј“ („Dahomey“) е добитник на Златната мечка за најдобар филм на годинашното 74. издание на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, познат и под името „Берлинаре“.
Станува збор за експериментален документарен филм за враќањето во Африка на конфискуваните уметнички дела во периодот на колонијализмот.
„Дахомеј“ е кинематографски есеј на француската режисерка со сенегалско потекло Мати Диоп, кој го истражува враќањето на ограбеното кралско богатство на африканското кралство Дахомеј од Париз во денешна Република Бенин.
Додека излегуваше на сцената за да ја прими наградата, Диоп рече: „Ја поддржувам Палестина!“ и му се заблагодари на народот на Сенегал „за борбата за демократија“.