Поевтинуваат бензините и дизелот

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 од полноќ се намалува за 1,00, а на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 0,50 денари по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе биде 84,50 денари, ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе се продава за 82,50, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 78,00 денари за литар.

За 1,50 денари се намалува цената и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), и еден литар ќе чини 76,000 денари.

Поскапува Мазутот М-1 НС за 0,442 денари и цената на еден килограм ќе изнесува 43,343 денари.

Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби дека го претставува Белград

Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби „Српска листа“ дека е под команда на Белград, додека властите ја разгледуваат нејзината жалба против забраната за учество на претстојните парламентарни избори.

-Српската листа, за жал, го претставува широкиот опсег и високиот степен на мешање на Србија во внатрешните работи на Косово, изјави синоќа Курти на новинарите.

Централната изборна комисија на Косово во понеделникот и забрани на Српска листа да учествува на изборите на 9 февруари, наведувајќи го „националистичкиот став на партијата и блиските врски со Србија“.

Партијата вчера поднела претставка до надлежните органи во Приштина. Член на изборното тело рече дека не може да одобри „структура која отворено не ја признава државата Косово“.

Доколку повторно биде одбиено учеството на изборите, „Српска листа“ ќе има право на жалба по втор пат до Врховниот суд, чии одлуки се конечни.

Курти, исто така, рече дека Србија му дава азил на поранешниот потпретседател на партијата Милан Радојчиќ, чија екстрадиција бара Приштина, откако тој ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција во близина на манастирот во Банска, северно Косово, во септември 2023 година.

Филипче со понуда: Да направиме заедничка натпартиска државна стратегија, тоа е реален патриотизам

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес конференцијата по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, упати повик за заедничка, натпартиска стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.

„Во изминатите шест месеци слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби,“ истакна Филипче.

СДСМ, како конструктивна опозиција, нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија.

„Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување,“ изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ предложи конкретни чекори за изработка на таквата платформа.

„Од денес им нудам формирање на тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира,“ истакна Филипче.

Со овој пристап, според СДСМ, може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата.

„Само така ќе може да обезбедиме долгорочен развој. Само ако така сакаат да работат и ако се искрени во намерите ова ќе го прифатат. Ова е реален патриотизам,“ заклучи Филипче.

СДСМ е подготвена за натпартиска соработка која ќе го стави интересот на граѓаните и државата пред политичките манипулации и поделби.

Перински: На Скопје му ги знам сите проблеми

Максимално сум посветен на сегашната функција, особено сега кога фокусот ми е на прашањето околу законските измени кои ги отвораме после 20 години од примената на Законот. Зошто изразив амбиција за градоначалничкото столче? Затоа што ги знам сите проблеми со коишто се соочува Градот и јавните претпријатија и на дневна основа комуницирам со сите оние коишто се засегнати. Верувајте ми, после октомври, кој и да биде новиот градоначалник, ќе се соочи со многу работи кои тогаш ќе излезат на површина, на виделина, кои сега не ги гледаме, а се реалност, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински во вечерашното гостување на Сител ТВ.

„Неколку пати досега кажав, на Градот му треба системски пристап на решавање на проблемите кој во целост ќе го реши јавниот превоз, кој пак е врзан со проблемот со загадувањето, кој пак зависи и од локалната и од централната власт и двете нивоа на власт треба заеднички, паралелно да го решаваат ова прашање. Имам многу идеи во глава, имам направено апсолутно целосно модел за рекомпонирање на јавните претпријатија, за зголемување на функционалноста во испораката на услугите кон граѓаните, но и за поголема ефикасност и ефективност на работните процеси. Како ќе одлучи мојата партија, така и јас ќе ја почитувам таа одлука. Кој и да биде потенцијалниот кандидат, препорачан од страна на мојата партија, јас сум сигурен дека е извесно дека тој ќе биде новиот градоначалник на Град Скопје. Сите колеги кои имаат амбиции за градоначалничкото столче, јас навистина ги охрабрувам, дури и оние кои не размислувале на оваа тема. Така ќе продуцираме квалитет, добро е да имаме повеќе потенцијални кандидати, тоа е здрав процес. Колку повеќе луѓе ќе се вклучат, толку подобар и посоодветен кандидат ќе избереме. Јас во ниту еден случај нема да дозволам моето име и презиме да фигурира во некој внатрепартиски конфликт, не гледам потреба од такво нешто, ниту пак ќе дозволам тоа да се случи“, додаде Перински.

Популарно