Набавката на хеликоптери од компанијата „Леонардо“ ќе чини 249,9 милиони евра, информира Петровска

Набавката на осум нови хеликоптери од компанијата „Леонардо“ ќе изнесува 249,9 милиони евра и се очекува првата испорака да биде во втората половина од 2026 година, информира денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Петровска на денешната прес-конференција по посетата на ценатрот за обуки на пилоти во касарната во Петровец одговорајќи на новинарски прашања истакна дека цената ги опфаќа хеликоптерите, изградба на хангар, како и соодветна обука за пилотите.

-Вкупната сума на набавката е 249,9 милиони евра тоа ги опфаќа осумте хеликоптери, двата вида кои веќе ги презентиравме. Меѓу другите договорени ставки е и изградба на хангар, тоа ќе биде обврска на компанијата „Леонардо“, која ќе треба да изгради соодветен хангар во кој ќе бидат чувани сите осум хеликоптери со специјални дополнителни простории, обезбедување на дренажери, часови за обука и обука во нивниот центар, односно нивната академија за обука на пилоти. Годината на достава е дефинирана, во договорот пишува дека ќе биде втората половина на 2026 година, така што од разговорите што ги имав и при потпишувањето на договорот и од разговорот со министерот добив уверување дека рокот на испорака ќе биде испочитуван. Затоа што согласно рокот на испорака понатаму зависат повеќе врзани процеси, изјави министерката.

Во однос на првичната цена која била предвидена за набавката, Петровска посочи дека изминатите години како и во останатите сегменти, така и во воената индустрија цените постојано растат.

-Треба да се има предвид дека првичната цена која била предвидена за оваа набавка е од пред неколку години знаете дека за жал, изминатите години генерално во воената индустрија како и во сите останати сегменти растат постојано, така што мислам дека она што тимот успеа да го испреговара со компанијата да ги обезбеди сите оние потребни дополнителни опреми за непречено оперирање и извршување на сите задачи, мисии и операции на крај се постигнаа таа цена која е соопштена, појасни Петровска.

Додаде дека дел од хеликоптерите ќе бидат вооружени, но дека и останатиот дел ќе ја имаат можноста да бидат вооружени дополнително доколку се утврди потреба.

Рече дека двата хеликоптери кои биле пратени на ремонт во Чешката Ребулика ќе се вратат во некој од наредните денови, бидејќи ремонтот веќе бил завршен и сега се правеле финалните проверки.

-Останатите кои не се пратени, ќе има набавка на делови со истата компанија и нашите техничари, механичари ќе ги опремуваат и тие ќе бидат во функција. Идејата е овие хеликоптери да бидат оперативни се додека не пристигнат новите, а тогаш согласно планот за модернизација секоја опрема која ќе биде заменета спаѓа во списокот на опрема која може да биде отуѓена, дали тоа ќе биде со продажба или донација ќе одлучиме дополнително, подвлече Петровска.

Исто така, таа информира дека до министерството вчера доцна попладне пристигнало писмо од Антикорупциска која оформи предмет за набавката на хеликоптерите и дека веќе се подготвува документацијата за која изрази надеж дека ќе биде доставена до комисијата уште пред истекот на наведениот рок. 

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Популарно