Изборната кампања за претседателските избори влегува во втората половина, за парламентарните избори почнува на 18 април

Изборната кампања на претседателските кандидати за првиот круг од изборите на 24 април влегува во втората половина, а за пет дена, на 18 април почнува кампањата за парламентарните избори. Во фокусот европската интеграција на земјата, потребните реформи, но и економската состојба, криминалот и корупцијата. Државната изборна комисија (ДИК) вчера ги потврди листите за пратеници за парламентарните избори, но исто така неколку листи не беа прифатени. Извршена беше и жрепка за редоследот на избирачкото ливче за парламентарните избори. 

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван низ Македонија продолжува со средби на граѓаните во Желино, Брвеница и со граѓаните на Теарце, а потоа тој ќе одржи митинзи во Јегуновце и во Тетово. Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска- Давкова ќе одржи средби со граѓани и митинзи во Зелениково, Бутел и Карпош.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ и коалицијата Стевчо Јакимовски во текот на денот ќе биде на средби со граѓани Крива Паланка. Кандидатката за претседател поддржана од Левица Билјана Ванковска ќе одржи средби со граѓаните на Струга и Охрид. Кандидатот за претседател на коалицијата Вреди Арбен Таравари ќе има средби со граѓани во Паркот во Сарај, а вечерта ќе одржи собир во Куманово. Кандидатот за претседател на ЗНАМ Максим Димитроевски ќе биде меѓу граѓаните на Кичево, Демир Хисар, Кривогаштани и вечерта во Прилеп.  

- Барам од сите вас, на 24-ти овој месец, масовна политичка мобилизација, уште во првиот изборен круг да покажеме дека сме за нормална, напредна и европска Македонија, на сите, а не за заробена, на неколкумина, на еден човек или на една фамилија. На 8 мај само ќе ја завериме победата, но не за нас, не за мене лично, не за идниот премиер, пратеник или министер, туку за сите деца, за сите идни генерации, зашто заслужуваме, по 33 години, по оваа долга и мачна транзиција, конечно да станеме дел од европското семејство, порача синоќа од централниот митинг во скопски Центар, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. 

Нема план „Б“, има само план „А“, истакна Пендаровски во врска со уставните измени кои, како што напомена, мора да поминат за да станеме членка на ЕУ. Се осврна и на предизборната дебата со противкандидатите, нагласувајќи дека ќе присуствува каде и да се одржи, со мал исклучок, алудирајќи на МРТВ кон која засега има резерва. 

-Јас бев првиот кој понуди дебата со сите кандидати и не правев селекција - „овој да биде, овој да не биде“. Онаа дебата на која ќе присуствуваат сите седум кандидати, ќе бидам каде и да е, со мал исклучок, МРТВ. Тука имам резерва. Ако е точно, за аферата што излезе пред неколку дена, дека наводно има документи кои докажуваат дека штабот на најголемата опозициска партија организирал центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда, тогаш нека причекаат додека надлежните органи не ја расчистат, зашто можеби не е точна, можеби е фалсификат. Прво расчисти ја, па потоа ќе ме викаш на дебати, подвлече Пендаровски. 

На митинзите во Скопје тој доби поддршка и од лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, кој уште еднаш кажа дека овојпат изборот е меѓу надеж и безнадежност, прогрес или враќање назад во минатото.

-Знам дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука за државата. Тие сакаат и заслужуваат европски стандард дома, тука, во земјава, а ние имаме волја, знаење и тим да испорачаме резултати, рече Ковачевски.

Според него, гласот за Пендаровски и Коалицијата за европска иднина е глас за европска Македонија.

-Заедно со нашиот претседател, Стево Пендаровски, имаме визија и план како да ја внесеме Македонија во Европската унија. Решителни сме, имаме волја, храброст и знаење како да ја обезбедиме европската иднина на земјата, на сите наши граѓани. На сите сегашни и идни генерации.  И со вас, граѓаните, заедно во тоа ќе успееме во тоа. Граѓаните на Центар отсекогаш знаеле да донесат вистинска одлука на денот на изборите. Да пркосат на режим, да останат бастион на демократијата, да изберат локална власт и градоначалник како што заслужуваат. Исто така како Центар, така и цела држава ќе избере Претседател каков што заслужува. Нашиот претседател Стево Пендаровски. Од другатата страна гледаме дека ништо не е променето. ДПМНЕ е истата партија од минатото, со истите луѓе. Со нив, не е можна никаква позитивна промена. Со ДПМНЕ единствено е можно само враќање назад во изолација и во темно минато, многу далеку од Европа, беше дециден Ковачевски.

Изборната програма пред граѓаните на Гостивар и Тетово синоќа ја претстави кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Силјановска-Давкова, а на митинзите зборуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски. 

Силјановска - Давкова истакна дека транзицијата во државата е една од најдолгите и претставува маратон без крај и дека треба да се поработи на европските стандарди.

-Извештаите покажуваат дека со оваа власт може да продолжиме само во циклично движење во еден хибриден режим, таков систем во кој има избори, има институции, ама институциите се слаби, изборите не се секогаш фер и демократски, ама најмоќните се премоќни. Секоја моќ се заканува да ве корумпира, апсолутната моќ ги расипа оние на врвот во сите институции. Згора кога на клучните позиции се најдоа луѓе без дигнитет, без авторитет, логично е-тие се опкружија со слични на нив, не со слични на вас. Затоа е заразна е корупцијата и криминалот, стана системска, рече Силјановска Давкова.

Тогаш, продолжи таа, имаме формални носители на власта и вистински носители на власта.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ упати прашања до Пендаровски во врска со тоа какви планови „ковал во вила Водно со Артан Груби, Димитар Ковачевски и Али Ахмети пред неколку месеци поврзано со Кривичниот законик“.

-Овој чесниот Стево Пендаровски добро е да каже што правеше и какви планови коваше во вила Водно во присуство на Артан, Ковачевски и Ахмети пред неколку месеци поврзано со измените на Кривичниот законик и евентуална можна амнестија на поранешни политичари. Со која цел? Со цел да поминат на шверцерски начин уставните измени и да се прифати бугарскиот диктат, но истовремено да се амнестираат поранешни политичари кои ќе му нанесуваат штета или ќе имаат обид да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Стево Пендаровски треба на ова да одговори, па потоа да дискутираме дали ќе одиме на дебата или нема да одиме од која патем кажано денес Стево како најголем кукавица избега, рече Мицкоски.

Според него, секој еден граѓанин треба да знае дека гласот за Стево е глас за Артан, Али, Талат и Ковачевски.

Кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи, кој зборуваше на дискусија на тема „Зајакнување на стратешките партнерства со САД и ЕУ и соодветно меѓународно воспоставување преку надворешната политика“ рече дека една од главните улоги што ја гледа во функцијата претседател е дека ќе се заложи да биде компас на евроатлантската ориентација со фокус кон САД, а стратешкиот дијалог ќе го подигне на ниво на претседатели на држави на највисоко можно ниво.

Тој ја повтори заложбата дека првата работа што ќе ја направи доколку биде избран за шеф на државата ќе закаже состанок со лидерите на партиите, кој ќе трае се додека не се постигне консензус за Европската унија, а втората работа, според него, е консензус по однос на стратешкиот дијалог со САД.

На новинарско прашање во однос на коментарот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е задоцнета можноста околу градењето консензус за уставните измени и како мисли да се вклучи опозицијата, Османи вели дека тоа не е точно и дека опозициската партија ги манипулира граѓаните во однос на содржината на Францускиот предлог и Преговарачката рамка со погрешно толкување.

Кандидатот за претседател од партијата Левица, Билјана Ванковска ја претстави програмата пред граѓаните на Македонска Каменица и Делчево. Македонска Каменица, како што рече, ја посетува втор пат, а целта е со граѓаните да поразговара „очи в очи" за актуелните проблеми и претставување на програма која таа ја нуди како претседателски кандидат.

-Во Македонска Каменица прв пат бев овде кога ја отворавме локалната канцеларија. Денеска имаме пазарен ден и малку повеќе луѓе, продолжуваме со разговор „очи в очи" со граѓаните, од кои за жал ја слушам онаа приказна, колку граѓани утрово се качиле во автобуси и заминале од градот. Значи постојано во овој дел од Македонија, но и во останатите се соочува со иселување на она што е најдоброто и она што е најсакано. Целата наша програма, значи зборувам за онаа својата претседателска, меѓутоа и она што ќе следува во вид на парламентарна програма на Левица е насочена токму кон решавање на проблемите на граѓаните, рече Ванковска.

Според Ванковска, вест на денот е дека нема да има дебати, заради што, како што рече, граѓаните нема да бидат во можност да ги слушнат аргументите на Левица.

Повторно одложен судскиот процес за Пендиков

Не се одржа денешното рочиште од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води во врска со физичкиот напад врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.

Причина за тоа беше напојавувањето на двајца сведоци на Обвинителството, уредно поканети за денешното рочиште.

Според кажаното во судницата, причина за нивното непојавување било што биле на неодложно деловно патување, на што судијата Бојан Мартиновски што го води процесот реагираше со најава дека ќе побара нивно приведување и стражарно спроведување за наредното рочиште.

Стефан Камишевски, застапникот на оштетениот оцени дека непојавувањето на сведоците е несериозно, притоа забележувајќи дека ваквите појави укажуват дека потфрлаат институциите.

- Секое нефункционирање на било кој државен орган претставува повреда на нашит права како граѓани, во било каква постапка. Тоа доведува до непотребни одлагања, рече Камишевски.

Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, од своја страна рече дека недоаѓањето на сведоците е неспроведување на законските одредби од страна на полицијата.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Пендиков беше префрлен на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Наредното рочиште од преоцесот е закажано за 12 јуни.

Запленети 4,8 килограми злато при влез на ГП Богородица

Царински службеници запленија 4,8 килограми златен накит со проценета вредност од 20,4 милиони денари, по контрола на автобус на граничниот премин Богородица при влез во државата.

Имено, царинските службеници на граничниот премин Богородица селектираа автобус кој сообраќал на линија Истанбул - Гостивар, при што е извршен детален претрес.

Во пределот за багаж е пронајдена црна торба, во која во 9 пакетчиња обвиткани со најлон е откриено злато со тежина од 4,8 килограми. Возачот кој првично изјавил дека нема ништо за пријавување по откривање на златото потврдил дека торбата е негова.

Нашите царински службеници се грижат за забрзан транспорт на легална трговија, но истовремено ги штитат приходите на државата спречувајќи шверц и криминал. Во случајот е спречено избегнување плаќање увозни давачки во износ од 5 милиони денари.

Случајот е преземен од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при што против возачот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија. Златото согласно закон ќе биде предадено во Народна банка. 

ОЈО Скопје прибавува и анализира докази за Палчо, истрагата за останатите петмина осомничени во завршна фаза

Обвинителството презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази за првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, кој вчера беше екстрадиран од Турција.

Како што соопштија од ОЈО Скопје, за петмината други осомничени во оваа постапка, истрагата е во завршна фаза.

- За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза, стои во соопштението од Обвинителство.

Оттаму дополнуваат дека продолжуваат да преземаат истражни дејствија во предметот.

Палевски, кој минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, синоќа со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Во затворот тој е под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Тој е осомничен за убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. 

Популарно