Вучиќ: Испратив 14 писма до европските лидери да ја разгледаат одлуката за Косово во СЕ и резолуцијата за Сребреница

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија ги презела сите мерки и испратила писма до сите членки на Советот на Европа за да го спречи приемот на Приштина во таа организација, како и писмо до претседателот на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

– Напишав вкупно 14 различни писма до европските лидери, главно персонализирани писма. На сите им се обратив имајќи ги предвид специфичните околности и односи што ги имаме. На еден начин и до оние кои ја признаваат Приштина, а на друг начин и до оние кои не ја признаваат Приштина. Побарав уште еднаш да ја разгледаат одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа и одлуката на Комитетот на министри за Косово да биде поинаква, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека е јасно дека на Косово нема владеење на правото, дека таму се практикува терор и дека ЗСО не е формирана по 11 години.

– Посебно укажав на трикот што мислат дека ќе го искористат на 10 мај со испраќањето на нацртот на ЗСО предложен од Европејците до таканаречениот уставен суд на уставна оцена, по што секако нема да преземат ништо, да замачкаат очи и да обезбедат глас во Советот на Европа. Ние ќе продолжиме да работиме и да се бориме, за ова секако дека најдолго разговарав со францускиот претседател Емануел Макрон, кој вчера и завчера имаше разговори со Олаф Шолц. Ќе видиме како тоа понатаму ќе се одвива. А, ние ќе се држиме до меѓународните јавно-правни норми и до последен момент ќе се бориме за вистина и правда, рече Вучиќ.

Тој рече дека му напишал писмо и на претседателот на Генералното собрание на ОН и разговарал со него за резолуцијата за Сребреница.

– Писмото ќе го достави специјалниот пратеник Вук Јеремиќ, ќе ги пренесе сите мои вербални пораки, а ќе имаме специјални пратеници и на други адреси, рече Вучиќ.

Тој додаде дека вчера добил официјална потврда од Соединетите Американски Држави дека „исклучително силно ќе лобираат за резолуцијата за Сребреница“.

– Ќе одам во Њујорк да се борам против нивното лобирање и да разговарам со пријателски и слободољубиви земји, рече Вучиќ.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно