Тројца повредени во тешката сообраќајка во скопско Влае

Три лица се повредени во сообраќајката, што утрово се случила на крстосницата од булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Ангел Динев“ во скопската населба Влае.  

Како што информира МВР, сообраќајна несреќа во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје била пријавена во 2:25 часот. Во неа учествувале две возила, едното марка „шевролет“ управувано од 32-годишната Е.С. и автомобил „ауди“, кој бил управуван од 27-годишниот Б.А. од скопски Сарај.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Е.С., кои биле констатирани во Клиничкиот центар „Мајка „Тереза“.

Возачот на „аудито“ Б.А., според МВР, се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Со телесни повреди се здобил и неговиот сопатник И.А.(32) од скопското село Љубин. Тој, како што информираат од полицијата, бил пренесен во Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Скопје.

Денес се навршуваат 18 години од смртта на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески

Денеска се навршуваат 18 години од смртта која го потресе целиот регион. На денешниот ден Тоше Проески го загуби животот на 26 години во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска.

Автомобилот во кој се наоѓаше македонсиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.

Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за ден на жалост.

Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.

Почина Панчо од ДНК

По неколкумесечна борба за живот, почина Владимир Блажев, попознат како Панчо, кој настрада во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Блажев почина во болницата каде што се лекуваше од тешките повреди здобиени во огнената стихија.

По пожарот, Панчо беше пренесен во болницата „Систина“, каде што го продолжи своето лекување и во изминатите месеци беше подложен на неколку операции. Тој е 63-тата жртва од пожарот во клубот „Пулс“, во кој животите вокалистот на ДНК, Андреј Ѓорѓиевски, придружниот вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.

Македонец до смрт претепан во Словенија

Пронајденото безживотно тело кое во петокот беше пријавено во полицијата на Љубљана е на 38-годишен државјанин на Македонија, потврди портпаролката на полициската управа во Љубљана, Шпела Шкопорц.

Неофицијално лицето било претепано до смрт.

„Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, наредена е судска обдукција, но причината за смртта сè уште не е разјаснета. Интензивната кривична истрага сè уште е во тек. Надлежното државно обвинителство ќе биде известено за сите наоди“, изјави нивната портпаролка. 

Популарно