Граѓаните утре можат да пријавуваат повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321

Во канцеларијата на Народниот правобранител, утре од 7 до 19 часот, на денот на одржување на вториот круг за избор на претседател на Република Северна Македонија и на парламентарните избори, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321. 

Како што информираат денеска од канцеларијата на Народниот правобранител, освен на бесплатната телефонска линијата, граѓаните ќе можат да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, што се наоѓа на улицата „Македонија“ бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен куќата на Мајка Тереза).

-Исто така,  утре на денот на изборите дежурства ќе има и во подрачните канцеларии во Струмица на тел.бр.(034)329-996,  Кичево на тел. бр (045).228-586, Тетово на тел. бр.(044) 344-082, Битола на тел. бр.(047) 242-310, Штип на тел. бр. (032) 389-701 и во Куманово на тел. бр .(031) 431-488, се вели во денешното соопштение од Народниот правобранител. 

Народниот правобранител, нагласуваат оттаму, со цел заштита на избирачкото право на граѓаните ќе презема итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на граѓаните остварување на нивното загарантирано избирачко право. 

Првата официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова во Ватикан и Рим

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова првата официјална посета во странство ќе ја оствари во Ватикан и во Рим, каде што ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј, потврдија за МИА од претседателскиот кабинет.

На 23 мај, според протоколот, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар на Ватикан за односи со државите.

Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката Сиљановска Давкова ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

Сиљановска Давкова, како што велат од нејзиниот кабинет, се уште не е познато дали ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.

ДИК потврди - Во среда ќе се прегласува на 7 избирачки места

Државната изборна комсија го поништи гласањето на 7 избирачки места. Ќе се се прегласува на 6 избирачки места во петтата изборна единициа и тоа на две избирачки места во Долнени, две во Крушево, едно во Струга и едно во Охрид.

Ќе се прегласува и на едно избирачко место во шестата изборна единица во општина Желино.

На сите овие избирачки места ДИК денеска ги разреши претседателите, замениците и членовите на избирачките одбори. Новото гласање ќе се организира во среда на 22 мај.

Седницата на ДИК следи откако вчера Управниот суд ги одби сите тужби поднесени од Европскиот фронт и ги потврди претходните решенија на комисија која утврди низа нерегуларности на сите 7 избирачки места. Ова според членовите на ДИК е доказ дека целиот процес е спроведен законски и покрај тоа што изминатиот период добиваа јавни навреди и закани за тужби токму од политички структури на Европскиот фронт. На денешната седница на ДИК не присустуваше единствено потпретседателката Шеху која доаѓа од редовите на ДУИ.

Прегласувањето во среда може да донесе и промени на освоените мандати. На пратеник повеќе во петтата изборна едница може да се надеваат од ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП, а во шестата изборна единица еден мандат повеќе може да добие Коалицијата ВРЕДИ.

ДИК ги соопштува освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав

Државната изборна комисија денеска, на 105. седница која е во тек, ги објавува конечните резултати за распределба на мандатите за пратеници по изборни едници согласно освоените гласови на парламентарните избори од 8 мај 2024 година.

Како што информира претседателот на ДИК Александар Даштевски, според усвоениот дневен ред, на седницата ќе се расправа и по предлог-решенијата за повторување на гласањето во ИЕ 5 на 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачко место 2101 во Општина Желино. 

ДИК треба да ги разгледа и предлог-решениеја за разрешување претседател, членови и нивни заменици на избирачки одбори во избирачки места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1190 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.

Популарно