Мицотакис: Без почитување на Договорот од Преспа, патот кон Европа ќе остане затворен

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, Мицотакис се осврна и на односите со нашата земја, повторувајќи го ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

- Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот, рече Мицотакис, пренесе МИА. 

„Фајненшл тајмс“: Србија го добива најголемиот рудник за литиум во Европа

Српскиот претседател Александар Вучиќ се подготвува да ѝ даде зелено светло на британско-австралиската компанија „Рио Тинто“ за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа две години откако Белград се откажа од проектот, објави „Фајненшл тајмс“ (ФТ).

Вучиќ изјави за ФТ дека новите гаранции од глобалниот рударски гигант и од Европската Унија изгледа одговориле на загриженоста на Србија за тоа дали ќе бидат исполнети потребните еколошки стандарди на наоѓалиштето Јадар на западот од земјата.

„Веруваме дека проектот за Јадар има потенцијал да биде средство од светска класа, што може да дејствува како катализатор за развој на синџирот на електрични возила во Србија“, изјавија од компанијата „Рио Тинто“ за „Ројтерс“.

Литиумот, кој се смета за критичен материјал во ЕУ и во САД, се користи во батериите за електрични возила и мобилни уреди.

„Ако исполниме сè, рудникот би можел да биде отворен во 2028 година“, изјави Вучиќ за ФТ додавајќи дека се очекува рудникот да произведува 58.000 тони литиум годишно. „Тоа би било доволно за 17 отсто од производството на електрични возила во Европа, приближно 1,1 милион автомобили“, рече претседателот на Србија.

Во 2022 година Белград ги откажа лиценците за проектот „Јадар“, вреден 2,4 милијарди долари, по големите еколошки протести. Доколку биде завршен, проектот би можел да задоволи 90 отсто од тековните европски потреби за литиум и да помогне компанијата да стане водечки производител на литиум.

Во текот на 2021 и 2022 година српските екологисти собраа 30.000 потписи на петиција, со која се бараше парламентот да усвои закон за запирање на истражувањето на литиум во земјата.

За една недела тројца исчезнати туристи пронајдени мртви на грчките острови

За само една недела тројца исчезнати туристи се пронајдени мртви на грчките острови, јавија грчките медиуми. Турист од САД кој исчезна на островот Матраки вчера е пронајден мртов како трет во изминатата недела, јавува грчката телевизија Скај њуз.

55-годишен маж исчезна од својот хотел на грчкиот остров Матраки во Јонското Море минатиот вторник, а 74-годишен маж од Холандија беше пронајден мртов на островот во саботата.

Британскиот ТВ водител д-р Мајкл Мозили беше пронајден мртов на егејскиот остров Сими пред една недела. Тој очигледно паднал по стрмна падина, изјави градоначалникот на Сими, Лефтерис Папакалодукас за Sky News.

Според грчките медиуми, во Грција моментално се водат како исчезнати уште неколку туристи.

Американски турист, 59-годишниот Алберт Калибет, исчезна на егејскиот остров Аморгос додека планинареше, а операцијата за потрага по двајца исчезнати француски туристи продолжува на егејскиот остров Сикинос.

Во соопштението на грчките власти се наведува дека спасувачката мисија ќе користи доброволци, пожарникари и ќе регрутира дополнителен полициски тим од блискиот остров Иос.

Седумгодишно дете каснато од поскок блиску до куќата во која живее – еве како да ја препознаете оваа отровна змија

Седумгодишното момче кое е каснато од отровна змија поскок во областа Сегет кај Трогир е задржано на лекување во сплитската болница, но е стабилно, јави КБЦ Сплит.

Момчето било каснато од змија многу блиску до куќата во која живее. Го гризнала за рака, но за среќа многу брзо стигнал во болница. Седумгодишното момче било примено во КБЦ Сплит.

– Момчето е стабилно. Се лекува според правилата на струката – соопштија од болницата.

Тој е задржан на опсервација, а од болницата велат дека имаат доволно противотров.

Како да препознаете змија поскок?

Европскиот поскок (Vipera ammodytes) е вид на змии од семејството лутици. Достигнува должина до 50-70 cm, исклучително ретко над 100 cm. Максималната должина на женските е помала отколку на машките.

Главата е со триаголна форма и е покриена со мали нерамномерно распоредени снегулки.

На врвот на главата имаат специфичен израсток (“рогче”), по што многу лесно се препознава.

Таа се состои од 9-17 снегулки, наредени во 2, ретко 3 или 4, попречни линии. Рогчето достигнува должина од околу 5 mm и е меко и флексибилно. Кај јужните подвидове тоа стои исправена, додека кај V. a. ammodytes е легната напред. Опашката е многу кратка и завршува нагло, а последните 4-5 см имаат кадмиево жолта до зелена боја. По боја е светло кафена, сива. Јазикот обично е црн.

Машките имаат специфична дамка или V-образ белег во задниот дел на главата, што често се поврзува со појасот на грбот. Женските се со слична боја, но со помалку контрастни шари, и обично кај нив недостасува V-образ. Поскокот е активен претежно во текот на денот, во низините и при топло време – исто така и ноќе. Се храни главно со ситни цицачи и птици, помладите примероци – со гуштери. Понекогаш јаде и змии, вклучувајќи ги и другите поскоци.

Поскокот е генерално летаргичен и не особено агресивен, ретко каса без значителна иритација. Може да реагира на различни начини – да остане неподвижна, да избега или веднаш да се обиде да каса. Поскокот не снесува јајца а размножувањето се одвива меѓу април и почетокот на јуни, а малите се раѓаат во август-октомври. Тие се од 1 до 12, најчесто 4-8 на број, како при раѓањето должината им е 14-24 cm.

Отровот на поскоците е релативно токсичен, но се менува со текот на времето и кај различни популации. Симптомите кај укасаниот може да се случат веднаш – болка, оток и деколоризација, понекогаш вртоглавица и трпнење. Луѓето, како и глувците и птиците, реагираат брзо на отровот на поскокот. Гуштерите се помалку погодени, а амфибиите дури можат да преживеат. Отровот на поскокот се користи за производство на противотров за каснувања од други европски отровни змии.

Популарно