Следната недела температурите ќе се искачат до 40 степени

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови за ретка појава на локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 28 до 36 степени. UV=8

Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.

Во следните денови ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност, а во попладневните часови ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.

Од почетокот на следната работна седмица дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа во југоисточните делови и околу 40 степени, извести УХМР.

Утре бесплатен паркинг во Центар

По повод претстојниот празник „Духовден“ од ЈП Паркинзи на општина Центар известуваат дека утре (петок) паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието ќе бидат без наплата за сите граѓани.

Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата ќе продолжи на 22.06.2024 година (сабота) со вообичаено работно време, додаваат оттаму.

ЕВН Хоме ја прифати понудата од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови електрична енергија

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија ја прифати понудата од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите. За останатите 15 проценти, на тендерот за периодот јули-декември биле пристигнати три понуди, но тие не се прифатени поради повисоките цени во однос на моменталните пазарни цени. 

Од ЕВН информираа дека биле пристигнати понуди од компаниите „Дуферцо“, ЕСМ Продажба и Соле24. 

- За 85 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доби само една понуда, и тоа од компанијата АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 60 евра за мегаватчас, додека за 15 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач, беа добиени три понуди, од компаниите Дуферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24, со понудени цени кои беа за околу два и пол пати повисоки, во однос на понудената цена на АД ЕСМ за 85 проценти од потребите. Управниот одбор на ЕВН Хоме донесе одлука да ја прифати понудата од АД ЕСМ за 85% од потребите, додека за останатите потреби од 15%, понудите на компаниите не беа прифатени од страна на ЕВН Хоме поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот, се наведува во соопштението.

Од 1 јули годинава, ЕВН продолжува да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

- Договорот со Владата за обезбедување на универзална услуга е потпишан на 18.06.2024 по што следува процес на лиценцирање во Регулаторната комисија за енергетика. Овој процес кој е неопходен за обезбедување на континуитет во снабдувањето со електрична енергија преставува голем предизвик, поради краткиот рок до престанувањето на важноста на постојната лиценца, како и отворените прашања во однос на начинот на кој ќе се пристапи кон продолжувањето на лиценцата за периодот од следните 5 години. Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри, велат од ЕВН.

Во крајната цена влегуваат цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.

Инаку, денеска група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-законск измени на Законот за енергетика по скратена постапка со коишто, како што велат, нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.

- Група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска, првопотпишам сум јас, доставивме до архивата на македонското Собрание Предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, со кој нема да има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, односно стандардот на граѓаните ќе биде заштитен и нема да се дозволи драматично зголемување на цената на електричната енергија, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар на владата Христијан Мицкоски.

Со поднесениот Предлог закон, како што рече, ќе се спречи зголемување на цената на струјата од 5 проценти почнувајќи од 1 јули, согласно одлуката донесена деновиве од техничката Влада

Посебен режим на сообраќај во Скопје во петок и сабота

На 21 и 22 јуни, во петок и сабота по повод верскиот празник Задушница, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во градот.

-Имено, од 06.00 часот утре (21.06.2024) и задутре (22.06.2024) сообраќајот кон Градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатуваат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробишта Бутел, а за излез од гробиштата, десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“, информираат од МВР. 

Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во околината на гробишта Камник и Ѓорче Петров.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

Популарно