Град Скопје: Немаме надлежност за дератизација или постапување во случаи со змии, други влекачи или глодари

Поврзано со дезинформациите пласирани во јавноста, а во врска со последниот случај на појава на змија во Идризово, ја известуваме јавноста дека со Законот за Град Скопје е прецизно утврдено чии се надлежностите за дезинсекција, дезинфекција и дератизација, односно Град Скопје нема надлежност за дератизација или постапување во случаи со змии или други влекачи или глодари.

Во член 15 став 1 точка 4 од Законот за Град Скопје јасно е утврдена обврската на општините во градот за дератизација и дезинфекција, односно десетте општини се надлежни за дератизација и дезинфекција на населените места на својата територија.

Дератизација е збир на процедури кои се спроведуваат со цел да се уништат опасни штетници и можни носители на одредени заразни болести. Дезинфекцијата е постапка насочена кон уништување на најголемиот број на несакани микроорганизми со различни физичко-хемиски средства.

За појаснување со член 10 став 1 точка 4 од Законот за Град Скопје, утврдена е единствено надлежноста на градот за дезинсекција, како збир од процеси кои се преземаат за сузбивање на инсектите.

Град Скопје

Спасен повреден странски турист во Охрид кој паднал во тешко пристапен терен

Едно лице, странски државјанин, денеска паднало во непристапен терен во близина на хотел „Десарет“ во Охрид. При падот лицето се здобило со телесни повреди, по што била повикана итната медицинска помош. Случајот бил пријавен на бројот за итни повици 112 во  Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што информира ЦУК, поради непристапнапноста на теренот, медицинската екипа не можела да интервенира.

- Од ЦУК беа известени пожарникарите од ТППЕ Охрид, полицајците од СВР Охрид и Планинарска спасителна служба „Патагонија“ од Охрид. Екипата од ТППЕ Охрид со едно противпожарно возило и тројца пожарникари интервенирале, при што лицето било извлечено од местото на настанот, па е префрлено во полициски глисер и преку езеро било пренесено до возилото на итна медицинска помош, а потоа во болница во Охрид на понатамошен третман, се вели во соопштението од ЦУК. 

Од 1 јули струјата поскапува за 0,4%

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) ја информира јавноста дека универзалниот снабдувач ЕВН Хоме соодветно го применил тарифниот систем при изготвување на одлука за нови цени, распоредувајќи ги трошоците по блокови на начин што цената на електрична енергија за 88 % од домаќинствата кои се во прв и втор блок се зголемува за 0,4 %.

„За 88% од домаќинствата кои се во прв и втор блок цената на електричната енергија има корекција од 0,4%. За оние потрошувачи кои се во трет блок, а тоа се околу осум проценти од домаќинствата цената се зголемува за 0,48% и за четврт блок цената е зголемена за 0,57%. Клучно е сега универзалниот снабдувач да ја следи дадената регулаторна насока за оптимизирање на набавката на останатите 15 % за количини на електрична енергија што ЕСМ не ги понуди, и сега треба да се набават на слободен пазар . Треба да се бараат креативни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните и да се размислува кон откуп на струја од домашните капацитети од обновливи извори. Неопходно е да има конкуренција и да се искористи моментумот кога цената на струја на берзите е поволна. “ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ. Новата цена на електрична енергија е на сила од 1 јули 2024 година.

По вчерашното невреме: Се поплави „8ми Септември“ - Затворени операционите сали

Затворени оперативните сали и одделението за будење на пациенти по операција (шок-соба) во градската болница „8 Септември“ поради поплава предизвикана по вчерашното невреме.

Информацијата на социјалните мрежи ја потврди еден од докторите а за Плусинфо и директорот на болницата д-р Христијан Костов.

„Вчера навистина беше времето апокалиптично, па како и секое домаќинство, така и ние имавме мали проблеми. Протече вода во оперативните сали на третиот кат, некои од операциите беа одложени додека опремата не се префрли во долните сали. Но сега можам да кажам дека продолжуваме со операции долу, а другите сали на Трауматологија и ортопедија се функционални. Нема потреба за загриженост, болницата е во функција. Овој период имаме значително зголемена работа поради дефектот на Клиника, но успеваме успешно да се справиме со предизвиците. Верувам дека медицинскиот кадар е преморен поради зголемениот обем на работа, а и дополнително ни недостасува луѓе, бидејќи дел од нив ги користат одморите – изјавил Костов за Плусинфо.

Популарно