Од 1 јули струјата поскапува за 0,4%

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) ја информира јавноста дека универзалниот снабдувач ЕВН Хоме соодветно го применил тарифниот систем при изготвување на одлука за нови цени, распоредувајќи ги трошоците по блокови на начин што цената на електрична енергија за 88 % од домаќинствата кои се во прв и втор блок се зголемува за 0,4 %.

„За 88% од домаќинствата кои се во прв и втор блок цената на електричната енергија има корекција од 0,4%. За оние потрошувачи кои се во трет блок, а тоа се околу осум проценти од домаќинствата цената се зголемува за 0,48% и за четврт блок цената е зголемена за 0,57%. Клучно е сега универзалниот снабдувач да ја следи дадената регулаторна насока за оптимизирање на набавката на останатите 15 % за количини на електрична енергија што ЕСМ не ги понуди, и сега треба да се набават на слободен пазар . Треба да се бараат креативни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните и да се размислува кон откуп на струја од домашните капацитети од обновливи извори. Неопходно е да има конкуренција и да се искористи моментумот кога цената на струја на берзите е поволна. “ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ. Новата цена на електрична енергија е на сила од 1 јули 2024 година.

Приведен крадец баран со потерница

Полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје, денеска околу 12:25 часот на територија на Ѓорче Петров, го лишиле од слобода скопјанецот А.Е.(55), кој бил баран со потерница по наредба од Основен кривичен суд- Скопје, за затворска казна од две години.

Како што соопшти МВР, лицето ќе биде предадено на надлежната казнено поправна установа. 

Без струја повеќе места во Скопје, Битола, Тетово, Гостивар и Радовиш

Од ЕВН Македонија известуваат до ЦУК, дека без електрична енергија се:

Скопје - Ѓорче Петров и околината, Сарај, Кондово, Волково, Граничен премин Блаце и Новоселски Пат

Тетово - Џепчиште, Непроштено, Једоарце, Отуње, Сетоле, Сарачино, Желино

Гостивар - Дебреше, Врањовце Зубовце, Врапчиште, Пожаране и Топлинци

Битола - горно и долно Агларци, Добромири, Далбеговци, Трап, Будаково, Мусинци, Алинци, Трничани, Мојно, Маково, Рапеш, Орле, Долно Орехово, Румази, Паралово, Мегленце и околината.

Радовиш - Богулево, Дамјан, Бучим, Коџалија, Парналија

Тимовите веќе се ангажирани за непречено снабдување со електрична енергија во наведените реони.

ЦУК: Поплавени куќи, подруми, гаражи, улици, паднати дрва, прекини на струја и интернет

Силното невреме кое попладнево ја зафати Скопската котлина, Тетовско и други региони во земајва, предизвика материјална штета, а повеќе пријави и известувања од граѓаните се добиени на Единствениот број за итни повици 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- Добиени се пријави и известувања за: паднати и навалени дрвја, скршени гранки, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли, поплавени куќи, поплавени подрумски простории и гаражи, поплавени улици, проблеми во снабдувањето со електрична енергија, оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради, оштетени патнички моторни возила, паднати огради, блокирани улици и слични случаи предизвикани од невремето, се наведува во соопштението од ЦУК.

Од УХМР известуваат дека нестабилната облачна маса од која во западните и северните делови од Скопската котлина имаше појава на невреме, се преместува во правец кон Куманово каде исто така се очекуваат процеси во форма на невреме.

Од ЕВН Македонија информираат дека во моментот без електрична енергија се делови од Ѓорче Петров, Сарај, Кондово, Волково, Граничен премин Блаце и Новоселски Пат, Тетово - Џепчиште, Непроштено, Једоарце, Отуње, Сетоле, Сарачино, Желино, Гостивар - Дебреше, Врањовце, Зубовце, Врапчиште, Пожаране и Топлинци, Битола - Горно и Долно Агларци, Добромири, Далбеговци, Трап, Будаково, Мусинци, Алинци, Трничани, Мојно, Маково, Рапеш, Орле, Долно Орехово, Румази, Паралово, Мегленце и околината. Струја нема и во Радовиш - Богулево, Дамјан, Бучим, Коџалија, Парналија.

Тимовите, како што се наведува, веќе се ангажирани за непречено снабдување со електрична енергија во наведените реони.

Популарно