Позната здравствената состојба на жената врз која падна дрво кај „Европски универзитет“

Жената на околу педесетина години врз која попладнево падна дрво кај „Европски универзитет“, не е во животозагрозувачка состојба, потврди за МИА, доктор Драган Панов од Итната медицинска помош во Скопје.

- Наша екипа со помош на пожарникари ја извлекле. Таа немала надворешни видливи повреди. Се пожалила на болки во кичма и по телото, по што е однесена на опсервација на клиника. Треба да се направат снимки за да се види дали има некаква фрактура, појасни тој за МИА.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека од силниот ветер, попладнево има паднати дрвја на неколку локации низ главниот град на државава.

Синоптичарите за остатокот од денот најавија пороен дожд, грмежи, град и силен ветер над 70 километри на час.

Дел од Карпош утре без струја

Дел од скопската општина Карпош ќе остане без струја во текот на утрешниот ден, информираат вечерва од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

- Поради планирани зафати во електро-дистрибутивната мрежа, утре во периодот од 8:30 до 12 часот, без напојување со електрична енергија ќе останат дел од корисниците на улицата „Јуриј Гагарин“, се наведува во соопштението.

За една недела отстрането 91 непрописно паркирано возило во Општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје од 2 септември до 8 септември годинава со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 91 непрописно паркирано возило поради попречување на нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Од ЈП ПОЦ и Општина Центар информираат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар.

ЈСП: Неделен возен ред в сабота и понеделник

Од Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје информираат дека по повод државниот празник „8 Септември“ - Ден на независноста, в сабота и во понеделник ќе се работи по неделен возен ред.

За време на трите дена од продолжениот викенд, дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација на Транспортен центар, Ѓорче Петров и Зелен пазар.

- Жичницата ќе функционира вообичаено за време на викендот во сабота и недела, со работно време од 10 до 20 часот. Притоа, од 19 до 19:30 е последното возење од долу кон врвот, а во 19:45 часот е последно возење од врвот надолу. Во понеделник, 9 септември, жичницата нема да биде во функција, се наведува во соопштението на претпријатието.

Популарно