Загина 35-годишник во сообраќајка на автопатот кон преминот „Богородица“

Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајната несреќа што се случила синоќа 30 минути по полноќ на автопатот од клучка Гевгелија кон Граничниот премин Богородица.

Како што соопштија од СВР Струмица, во сообраќајна несреќа учествувале товарно возило „ман“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(35) од село Селемли, општина Богданци и товарно возило „ивеко“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од С.А.(26)  од село Стојаково, исто така од Општина Богданци.

-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Б.Ј., кој на пат кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ им подлегнал на повредите, а смрт констатирал лекар. Другиот возач, С.А., се здобил со телесни повреди, констатирани во Општата болница Гевгелија, стои во соопштението на СВР Струмица.

На местото на несреќата увид извршила екипа од ОВР Гевгелија.

МВР има осомничен за пукањето во Тетово

Министерството за внатрешни работи денеска се огласи со нови информации по вчерашното убиство во Тетово, во кое застрелан беше Р.Т.(39).

-Во координација со Основното јавно обвинителство Тетово формирана е увидна екипа, која извршила увид на лице место, подигнати се траги за вештачење, како и возилото во кое бил Р.Т., кое е однесено за криминалистичко-техничка обработка, а неговото тело по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција, информира МВР.

Од Министерството истакнуваат дека од страна на инспектори извршени се службени разговори со лица – можни сведоци на настанот, извршени се дополнителни проверки, по кои веќе постојат основи на сомневање за можниот сторител на делото, издаден е централен распис за негово лишување од слобода и продолжуваат интензивните оперативно-технички мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Убиството се случило вчера околу 20.35 часот на ул.„Штипска“, во близина на угостителски објект.

-Едно лице кое било со возило „мерцедес“ пукало кон возило „бмв“ во кое било лицето со иницијали Р.Т.(39), кое од добиените повреди починало, извести вчера МВР.

Инаку, вчеравечер бил одржан работен состанок во просториите на СВР Тетово на кој учествувало раководството на СВР Тетово, на криминалистичка полиција, на економски криминал и на ПС Тетово, на кој биле дадени прецизни насоки за понатамошно постапување.

Сторителот на делото во Тетово не е фатен: Обвинителството прибира снимки

Полицијата се уште трага по сторителот на убиството од вчера во Тетово, соопштија од обвинителството.

„Извршен увид на лице место. Јавен обвинител ги издава сите потребни наредби, меѓу кои наредба за обдукција и наредба за обезбедување на снимки од видеонадзор. Возилото и други траги се подигнати за вештачење.

МВР постапува за откривање на сторител“, стои во соопштението на Обвинителството испратено до медиумите.

За потсетување, како што информиравме, вчеравечер едно лице од возило мерцедес, пукало кон друго возило бмв, во кое било сега починатиот Р.Т. Од повредите мажот починал.

„Во 20.35ч. во СВР Тетово е пријавено дека на ул.„Штипска“ едно лице кое било со возило "мерцедес" пукало кон возило "бмв" во кое било лицето со иницијали Р.Т., кое од добиените повреди починало.

Полициски службеници од СВР Тетово преземаат интензивни мерки и активности за расчистување на случајот“, изјавија од МВР за Прес24.

Струмица: Пробале да киднапираат 3-годишно дете во парк

Во Големиот градски парк во Струмица имало обид за киднапирање на тригодишно дете. Веста се прошири и се споделува по социјалните мрежи, а од полицијата денеска за МИА потврдија дека случајот е пријавен и дека работат на негово расчистување.

Имено, според објавите тригодишнотот дете се обиделе да го киднапираат две лица, кои наводно зборувале странски јазик, но откако еден од родителите успеал да ги спречи во намерата тие побегнале.

Според полицијата, З.Ч.К.(31) од Струмица вчера пријавила дека завчера околу 19:00 часот, додека била во парк во Струмица, заедно со нејзиниот малолетен син, во момент кога син и бил оддалечен од неа, односно додека стоел на дрвен мост, две лица му пришле на малолетникот, па едниот од нив го кренал во раце.

– Според пријавеното, откако пријавителката им викнала, лицето го пуштило малолетникот и му ја ставило капата на главата, која претходно му пaднала, по што заминале. СВР Струмица веднаш презеде мерки за откривање на лицата и расчистување на случајот. Извршен бил увид на местото и било разговарано со сведоци, при што е утврдено дека во моментот на локацијата имало голема раздвиженост на луѓе, а малолетникот стоел на мал дрвен мост каде постоела опасност да падне во вода, а лицето кое го кренало детето од мостот го пуштило на земја непосредно откако се симнале од мостот, стои во известувањето за МИА од СВР Струмица.

Оттаму додаваат дека полицијата продолжува со преземање мерки во насока на утврдување дали во конкретниот случај постојат елементи на кривично дело или лицето тоа го сторило со цел да го заштити детето од можна опасност.

Популарно