Мицкоски: Нема да дозволам сопственици на веледрогерии да се богатат на сметка на здравјето на граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со ребалансот на Буџетот не се кратат средства од здравството. Приоритет на Владата, како што денеска изјави, ќе биде завршувањето на изградбата на клиничките болници во Штип и Кичево, за што веќе се разговарало со една компанија.

– Веќе работиме со една компанија и тоа ќе го направиме по еден економски модел кој нема да значи сомневања за криминал, посебни специјални закони. Ќе има транспарентна процедура, тендерски ќе биде согласно законот. Се крати онаму каде требаше да се скрати, а тоа е да не се крати на болните од канцер, да не се плаќаат надоместоци за организациските директори, да не се крати од негата на луѓето на кои таа им е потребна, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Трубарево.

Според него, состојбата во здравството е апокалиптична и вели дека додека е претседател на Владата нема да дозволи сопственици на веледрогерии да се богатат на сметка на здравјето на граѓаните.

– Лично ќе ги гледам фактурите на Царина кога ќе се увезуваат медикаменти за да не може поединици да книжат ненормални суми пари на сметка на здравјето на граѓаните, изјави Мицкоски.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека ребалансот на Буџетот е неразвоен, Мицкоски рече дека целта на СДСМ и на ДУИ е да измислуваат и да критикуваат.

– Имаме различни цели. Нивната цел е да критикуваат и измислуваат, а нашата е колку повеќе проекти да сработиме. Останиле буџет без пет милијарди денари редовно за пензионерите затоа што шверцерски исплатиле една пензија во една фискална година за претходната година. (јануари за декември). Заборавиле 3,7 милијарди денари за земјоделците, околу половина милијарда за плати за Национални шуми, но не заборавиле да ги разместуваат луѓето во неколку министерства за што луѓето тужеле, рече Мицкоски, посочувајќи дека во Министерството за внатрешни работи по овој основ треба да се исплатат повеќе од 20 милиони.

Тој потенцира дека летово ќе се занимаваат со тоа да ја стабилизираат состојбата, а од септември ќе се занимаваат со тоа што претходната власт направила.

За кредитот што земјава треба да го земе од Унгарија и која е мотивацијата унгарската Влада да ни дава ваков кредит, Мицкоски не одговори конкретно, но им се заблагодари на, како што рече, сите оние кои ни помагаат во услови кога таа помош ни е потребна, Најави дека наскоро ќе биде донесена и одлуката за Планот за раст на ЕУ и дека и оттаму земјава ќе добие финансиски средства.

– Ова е конкретна помош. Фала им на пријателите, имаме поддршка и помош од тие кои ни се пријатели во овој почеток како нова влада да направиме нешто за граѓаните, да се консолидираме. Благодарен сум им на сите оние што ни помагаат во услови кога таа помош ни е е потребна. Но тоа не е се. При крај сме со уште една владина одлука, а тоа е да го одобриме Планот за раст на ЕУ и од таму очекуваме голема финансиска инјекција и мислам дека ќе биде околу 750 милиони евра во рок од четири години. Првиот трансфер го очекуваме оваа есен така што благодарност и до ЕУ, изјави Мицкоски.

Почнува зимското сметање на времето, стрелките од часовникот се поместуваат еден час назад

Од ноќеска во три часот по полноќ почнува зимското сметање на времето со кое стрелките од часовникот ќе се вратат еден час назад.  

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето. 

Освен кај нас, зимското сметање на времето го применуваат и поголем дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.

Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент. 

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, која ќе биде поголема во западните делови каде што ќе има услови за појава на краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 30 степени. УВ индексот ќе достигне 6.

Во Скопје и околината ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб претежно северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 27 степени.

Правник ја искина универзитетската дипломата по предлогот на власта за измени на КЗ

Дипломиран правник ја искина дипломата по информацијата дека Владата на Собранието му предложи измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. Имено, на социјалната мрежа Фејсбук, правник објави фотографија од искината универзитетска диплома, истакнувајќи дека се срами каде завршил факултет.

„После предложените измени на Кривичниот законик дефинитивно се срамам каде сум завршил Факултет. Оваа диплома повеќе не ми е битна. Пи*ка Ви Матер“, стои во описот на објавената фотографија. 

Популарно