Повторно се разгоре пожарот на грчкиот остров Крит

Пожарот што вчера избувна во централниот дел на грчкиот остров Крит во општина Ретимно, поради силниот ветер се разгоре и сè уште не е ставен под контрола, евакуирани беа неколку населени места, додека противпожарните сили дополнително се зајакнуваат со пожарникари од Атина, а заедно со нив на островот заминува и надлежниот министер за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.

Од бројот 112 за итни случаи во текот на денешниот ден беа испратени вкупно осум пораки, од кои седум за евакуација на жителите на населени места во близина на пожарот.

Во гаснењето интервенираат 250 пожарникари со 14 пешадиски тима и 54 возила, како и 13 авиони и девет хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.

Пожарот избувна вчера, гаснењето траеше во текот на целата ноќ, сабајлево ситуацијата беше значително подобрена, меѓутоа поради силниот ветер имаше континуирани разорувања.

Во Белград денеска „Парада на гордоста“ со слоганот „Гордоста е народот“

Манифестацијата „Белград Прајд“ која годинава се одржува под слоганот ќе се одржи денеска во Белград, а собирот пред традиционалната Парада на гордоста започна во 16 часот и ќе се одвиваше низ централните градски улици околу Владата и Собранието на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Влезот на Прајд е отворен за сите граѓани, нема однапред утврден список на учесници, изјавија организаторите.

По прошетката, предвидени се и традиционални концерти во паркот Мањеж, меѓу кои ќе настапат Бојана Вунтуришевиќ, Рајвен, Ива Лоренс, Зои, Зорја, Кат Доса и Тијана Богиќевиќ.

Кума на овогодишниот Прајд е пејачката Зејна Муркиќ, додека Суннока е кралица на гордоста.

Организаторите апелираа до учесниците да избегнуваат конфликти со припадниците на безбедносните служби и потенцијалните контрадемонстранти, како и да не ги истакнуваат ЛГБТИ+ симболите при пристигнувањето на настанот, туку да ги истакнат дури по пристигнувањето во паркот.

Организаторот на овогодишниот Прајд, Горан Милетиќ, по повод денешната Парада на гордоста вели дека прошетката е симболична, по што треба конкретно да се решат барањата на ЛГБТ заедницата.

-Луѓето ги разбираат сите други работи. Затоа ние инсистираме да се донесе Законот за истополови заедници, бидејќи граѓаните одамна разбраа дека во тој поглед треба да се воведе практика на наследување и за ЛГБТ членовите, да се регулира здравственото осигурување и посета на болници и се друго што не тишти, изјави Милетиќ.

Полицијата го окарактеризира Прајд како настан од висок ризик, но Милетиќ смета дека тој одамна не е толку ризичен.

-На нив е да проценат и да се занимаваат со тоа, но јас мислам дека по многу години тоа веќе не е небезбедна манифестација, истакна Милетиќ. 

Во три случаи на три грчки острови спасени над 170 бегалци и мигранти

Во три одвоени случаи на грчките острови Тилос, Родос и Гавдос, крајбрежната служба на Грција открила и спасила вкупно 177 мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Крајбрежната служба на островот Тилос, била информирана од полициската станица дека во конкретна, тешко проодна област постои група мигранти, по што веднаш на терен излегле два патролни чамци, еден патролен брод и голем брод на службата, што успеал да стигне до местото и да спаси 106 лица, меѓу кои 37 се деца.

Сите биле во добра здравствена состојба и пренесни на пристаништето на островот.

Паралелно недалеку од Тилос, северно од соседниот остров Родос, во морскиот дел  меѓу турското и грчкото крајбрежје утрово биле спасени 26 бегалци и мигранти и пренесени на пристаништето на Родос.

Третиот случај е јужно од малиот остров Гавдос во близина на Крит, каде што утрово биле спасени 42 лица со чамец и префрлени на островот.

Косовското МНР апелира до граѓаните да избегнуваат транзит низ Србија

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово ги повика косовските граѓани и дијаспората да избегнуваат транзит низ територијата на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во јавното соопштение објавено на Фејсбук, косовското МНР повика да се избегнуваат сите влезови и излези на граничните премини меѓу Косово и Србија.

Повикот доаѓа по предупредувањата на така наречениот „Организациски совет за блокади“ од Србија, кој објави дека на 6 септември година се планираат блокади на патиштата кои водат до граничните премини, сè до повлекувањето на косовската полиција од областите населени со српско мнозинство во северно Косово.

„Министерството за надворешни работи ги повикува сите граѓани и припадници на дијаспората внимателно да ги следат новите случувања и предупредувања поврзани со ситуацијата и да бидат информирани единствено од официјалните извори на институциите на Република Косово, за да се избегнат дезинформации и лажни вести“, се вели во известувањето.

Во вторникот, на 3 септември, на протестот на поранешните вработени во српските паралелни институции во општините на северот на Косово, Србите кои протестираа предупредија на радикални акции, до блокирање на границите.

Со образложение дека постои сомневање за издавање фалсификувани документи, минатиот петок косовската полиција презеде акција за затворање на пет паралелни српски институции – општината Округ Косовска Митровица и паралелните општини Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.

Популарно