Поднесено обвинение против Љупчо Палевски

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице, кое се товари за:

– едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и  едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл.123 ст.3 од Кривичниот законик,

– едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик и  едно кривично дело  –  Грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик.

Во исто време, надлежниот обвинител поднесе и предлог за спроведување единствена постапка против овој обвинет и уште четири лица кои претходно беа обвинети за истиот настан, со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази.

Тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило “Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.

На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице.

Обвинителниот акт содржи предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.

Денес се навршуваат 18 години од смртта на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески

Денеска се навршуваат 18 години од смртта која го потресе целиот регион. На денешниот ден Тоше Проески го загуби животот на 26 години во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска.

Автомобилот во кој се наоѓаше македонсиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.

Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за ден на жалост.

Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.

Почина Панчо од ДНК

По неколкумесечна борба за живот, почина Владимир Блажев, попознат како Панчо, кој настрада во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Блажев почина во болницата каде што се лекуваше од тешките повреди здобиени во огнената стихија.

По пожарот, Панчо беше пренесен во болницата „Систина“, каде што го продолжи своето лекување и во изминатите месеци беше подложен на неколку операции. Тој е 63-тата жртва од пожарот во клубот „Пулс“, во кој животите вокалистот на ДНК, Андреј Ѓорѓиевски, придружниот вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.

Македонец до смрт претепан во Словенија

Пронајденото безживотно тело кое во петокот беше пријавено во полицијата на Љубљана е на 38-годишен државјанин на Македонија, потврди портпаролката на полициската управа во Љубљана, Шпела Шкопорц.

Неофицијално лицето било претепано до смрт.

„Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, наредена е судска обдукција, но причината за смртта сè уште не е разјаснета. Интензивната кривична истрага сè уште е во тек. Надлежното државно обвинителство ќе биде известено за сите наоди“, изјави нивната портпаролка. 

Популарно