Зголемен бројот на позитивни случаи на Ковид 19 во Македонија

Комисијата за заразни заболувања на последниот состанок констатираше дека има зголемување на бројот на позитивни случаи на Ковид 19 во однос од минатата недела и по тој повод ги потсетува граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции: да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица, се вели во соопштението на Комисијата за заразни болести.

За потсетување вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста. На состанокот, комисијата ја реафирмираше препораката дека тестирање за ковид не е услов за прием во здравствена установа. За ковид треба да се тестира исклучиво според индикација, одсносно доколку пациентот има симптоми карактеристични за ковид. Од комисијата нагласуваат дека пациентите треба да се лекуваат од основната болест и во соодветната здравствена установа, дури и ако се ковид позитивни, со тоа што здравствената установа треба да обезбеди услови за минимизирање на опасноста од ширење на болеста на другите пациенти и на персоналот со изолирање на позитивните пациенти, истакнуваат од Комисијата.

Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки, додаваат од таму.

Питомци и офицери од Воената академија се затруле со храна?

Питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ со симптоми на мачнина и повраќање побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје. 

Директорот на Клиниката за инфективни болести Фадил Цана во изјава за МИА вели дека 10 лица побарале лекарска помош и сите имале лесни симптоми, освен едно лице кое е задржано на лекување, но е во добра здравствена состојба. Останатите по укажаната медицинска помош се вратени во Академијата.  

Информацијата ја потврдија и од Министерството за одбрана од каде соопштија дека вчера во раните утрински часови 20 питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.

- Најнапред тројца питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање по што итно биле пренесени на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде од страна на дежурниот доктор биле прегледани и двајца биле вратени назад во единица без конкретна дијагноза, а еден питомец е хоспитализиран и кој се очекува во текот на денешниот ден да биде вратен во единицата. Подоцна уште седумнаесет питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, по што сите биле однесени на Инфективната клиника, каде биле третирани од страна на медицинскиот персонал и откако им била констатирана стабилна состојба биле пуштени назад во единицата, се вели во информацијата од Министерството за одбрана.

Од страна на Министерството за здравство е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај.

- Во текот на вчерашниот ден е направен вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на екипи од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна во касарната „Гоце Делчев“ каде се наоѓа Воената академија, и од страна на Воено медицинскиот центар во касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде исто така четири лица се пожалиле на стомачни тегоби, при што се земени контролни примероци за испитување. Целта на овие вонредни надзори е намалат или целосно да се отстранат сите ризици кои може да се одразат по здравјето на луѓето. По добиените резултати од испитувањата кои ги очекуваме во текот на денешниот ден, ќе се преземат натамошни чекори согласно препораките на надлежните институции, се вели во информацијата од Министерството за одбрана.

Денес ќе биде познато дали ќе се замрзнат цените или ќе се ограничат маржите

До денеска, според најавите од Министерството за економија и труд, треба да биде готова есенската потрошувачка кошница со 100 производи. Работната група, во која членуваат претставници од министерствата за економија, финансии и земјоделство, врз основа на направена симулација треба да донесе предлог - одлука дали ќе има замрзнување на цените или ќе се ограничат маржите од 5,10 и 15 проценти. 

Предлогот, како што вчера најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, ќе биде доставен до Владата наредната недела.

- Утре на крајот на денот, работната група ќе извести дали ќе се одлучи за замрзнување на цените или ограничување на маржите на 5, 10 или 15 проценти, рече вчера Дурмиши во изјава за медиумите. 

Освен есенска, според најавите на надлежните, ќе има и зимска, велигденска, рамазанска кошничка....

- Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши, ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните. Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 процента во однос на август минатата година што претставува навистина добар резултат, имајќи го предвид регионот и е меѓу првите во регионот, односно првите според ниска стапка на инфлација, би рекол и компетитивен во Европа и е понизок во рамки на еврозоната, што е добро, изјави во средата премиерот Христијан Мицкоски.

Стабилизирање на цените се очекува и со примената на Законот за нефер трговски практики кој треба да почне да се применува од 28 септември. Рабатот и дополнителните трошоци од листата на 2 548 тарифни броеви на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и трговија на големо ќе бидат ограничени на 10 проценти.

Според министерот за економија и труд, Законот ќе стапи на сила до крајот на месецот, а фирмите имале период од шест месеци да ги усогласат цените.

Државниот завод за статистика измери дека во август инфлацијата бележи зголемување од 2,2 проценти на годишно ниво, а цените на мало се зголемени за три проценти. 

Во однос на јули, се бележи зголемување на трошоците на животот во делот храна и безалкохолни пијалаци за 1,2 проценти, рекреација и култура за 1,1 проценти, здравје за 0,8 проценти, ресторани и хотели за 0,7 проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,6 проценти, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата, комуникации за 0,5 проценти и алкохолни пијалаци и тутун за 0,1 процент.

ОЈО ГОКК отвори предмет за финансиски криминал, претреси на повеќе локации

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти.

Како што информираат од ОЈО, предметот е оформен по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи.

- Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови, велат од обвинителството.

Оттаму дополнуваат дека полициски службеници, службени лица од Управата за јавни приходи координирано со истражители од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на ОЈО ГОКК при претресите обезбедле бројна документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на водењето на понатамошната кривична постапка.

-  Претресите сè уште се во тек. Со оглед дека станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна, јавноста навремено ќе биде информирана за поединости што нема да ја нарушат постапката, дополнуваат оттаму.

Популарно