МВР: Претреси во Скопје, се трага по третиот осомничен за целосно расчистување на убиството кај "Мавровка

 Министерството за внатрешни работи соопшти дека во текот на целиот ден се преземаат мерки и активности за расчистување на кривичното дело убиство, кое денеска беше извршено на паркинг простор пред ТЦ “Мавровка” и оти мерките и активностите продолжуваат и во текот на вечерта.

-Веднаш по добиената пријава за пукање во близина на ТЦ „Мавровка”, при што бил застрелан В.Е.(59), кој починал на местото на настанот, веднаш се преземени низа оперативно - тактички мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје за пронаоѓање и лишување од слобода на сторителите. Извршени се претреси и прегледи на повеќе локации и возила, а беа ангажирани и полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, хеликоптери и дронови. Приведени се две лица за кои постојат основи на сомнение дека се сторители на  кривично дело „убиство“ казниво по член 123 од КЗ, кои ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка по целосно расчистување и документирање на случајот, се наведува во соопштението.

Од МВР посочуваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање и на третото осомничено лице односно целосно расчистување на случајот во координација со ОЈО Скопје.

-Во текот на денот од страна на СВР Скопје по издадени наредби од страна на судија на претходна постапка извршени се претреси на четири локации за кои постојат индиции дека престојувале лицата инволвирани во кривичното дело. При преземањето на мерките и активностите пронајдени се доволен број на материјални докази. СВР Скопје и вечерва спроведува низа на оперативно - тактички мерки со цел лишување од слобода на третото осомничено лице, стои во соопштението.

По целосното расчистување на случајот, од МВР најавуваат дека ќе ја информираат јавноста. 

Денес се навршуваат 18 години од смртта на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески

Денеска се навршуваат 18 години од смртта која го потресе целиот регион. На денешниот ден Тоше Проески го загуби животот на 26 години во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска.

Автомобилот во кој се наоѓаше македонсиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.

Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за ден на жалост.

Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.

Почина Панчо од ДНК

По неколкумесечна борба за живот, почина Владимир Блажев, попознат како Панчо, кој настрада во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Блажев почина во болницата каде што се лекуваше од тешките повреди здобиени во огнената стихија.

По пожарот, Панчо беше пренесен во болницата „Систина“, каде што го продолжи своето лекување и во изминатите месеци беше подложен на неколку операции. Тој е 63-тата жртва од пожарот во клубот „Пулс“, во кој животите вокалистот на ДНК, Андреј Ѓорѓиевски, придружниот вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.

Македонец до смрт претепан во Словенија

Пронајденото безживотно тело кое во петокот беше пријавено во полицијата на Љубљана е на 38-годишен државјанин на Македонија, потврди портпаролката на полициската управа во Љубљана, Шпела Шкопорц.

Неофицијално лицето било претепано до смрт.

„Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, наредена е судска обдукција, но причината за смртта сè уште не е разјаснета. Интензивната кривична истрага сè уште е во тек. Надлежното државно обвинителство ќе биде известено за сите наоди“, изјави нивната портпаролка. 

Популарно