Вучиќ се прости од Бора: Нѐ задолжи со својата песна и љубовта кон Србија

Српскиот pретседател Александар Вучиќ на социјалните мрежи се прости од Бора Чорба.

„Отиде великанот, замина нашиот Бора. Не задолжи со својата песна и огромната љубов кон Србија. Нека му е вечна слава и Бог нека го прости. Се раздени над црквата Свети Марко, и така ќе биде во децениите кои доаѓаат“ напиша Вучиќ на Инстаграм.

Протест пред полициската станица во Косовска Митровица поради апсењето на четворицата српски младинци

Членови на семејствата и граѓани утринава се собраа на протест пред полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица, барајќи ослободување на четворицата српски младинци, уапсени во вторникот.

Насобраните го изразуваат своето незадоволство со свирежи, извикувајќи „Пуштете ги децата!“ и со транспаренти „Полиција Куртиленд“ и „Дали ЕУ е загрижена“.

На протестот се и претседателот на Српската листа Златан Елек, претседателот на Привременото тело на општина Косовска Митровица Иван Запорожац и други членови на Српската листа.

Во северниот дел на Косовска Митровица синоќа околу полноќ, косовската полиција уапси четворица млади момчиња од српска националност, на кои им е одреден притвор до 48 часа поради сомнение за наводен напад врз службено лице при вршење на должноста.

Раде Недељковиќ, таткото на Растко, еден од уапсените, изјави дека засега немаат официјални информации за момчињата.

„Немаме сигурни информации, ниту можевме да ги видиме, ниту пак можеме да слушнеме за нивната состојба“, изјави Недељковиќ.

Тој додаде дека момчињата, според некои информации, биле брутално претепани.

Таткото на уште едно од уапсените момчиња, Срѓан Јовиќ, изјави дека неговиот син при апсењето бил повреден од припадници на косовската полиција и дека сега се наоѓа во станица во јужниот дел на градот.

„Тие беа однесени во полициската станица во јужниот дел, одреден им е притвор. Ја ангажиравме адвокатката Јелена Кривокапиќ и сега чекаме да го однесат кај обвинител.

Не сум бил во контакт со мојот син. Адвокатката зборуваше и вели дека има рани по телото, има повреди. Ќе видиме колку е сериозно. Чекаме изјава“, рече Јовиќ.

Тој додаде дека и неговиот син и кажал на адвокатката дека не е виновен за тоа што го обвинуваат и дека пред бруталното апсење и физичкиот напад врз нив имало само вербален конфликт.

Атина денеска без такси превоз поради 24-часовниот штрајк на таксистите

Од пет часот утрово таксистие во Атина, организирани од нивниот Синдикат, започнаа 24-часовен штрајк поради, како што велат,„низа владини одлуки и важни законодавни пропусти што се однесуваат на нивниот сектор“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Синдикатот потенцираа дека новите даночни и осигурителни закони ќе ги доведат до финансиска пропаст, а планираната транзиција кон електрични возила од 2026 година ќе ја загрози нивната професија.

Паралелно, за претпладнево закажаа Генерално собрание на кое ќе разговараат за проблемите со кои се соочуваат. Грчката метропола до утре наутро ќе биде без такси превоз.

Во Белград денеска „Парада на гордоста“ со слоганот „Гордоста е народот“

Манифестацијата „Белград Прајд“ која годинава се одржува под слоганот ќе се одржи денеска во Белград, а собирот пред традиционалната Парада на гордоста започна во 16 часот и ќе се одвиваше низ централните градски улици околу Владата и Собранието на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Влезот на Прајд е отворен за сите граѓани, нема однапред утврден список на учесници, изјавија организаторите.

По прошетката, предвидени се и традиционални концерти во паркот Мањеж, меѓу кои ќе настапат Бојана Вунтуришевиќ, Рајвен, Ива Лоренс, Зои, Зорја, Кат Доса и Тијана Богиќевиќ.

Кума на овогодишниот Прајд е пејачката Зејна Муркиќ, додека Суннока е кралица на гордоста.

Организаторите апелираа до учесниците да избегнуваат конфликти со припадниците на безбедносните служби и потенцијалните контрадемонстранти, како и да не ги истакнуваат ЛГБТИ+ симболите при пристигнувањето на настанот, туку да ги истакнат дури по пристигнувањето во паркот.

Организаторот на овогодишниот Прајд, Горан Милетиќ, по повод денешната Парада на гордоста вели дека прошетката е симболична, по што треба конкретно да се решат барањата на ЛГБТ заедницата.

-Луѓето ги разбираат сите други работи. Затоа ние инсистираме да се донесе Законот за истополови заедници, бидејќи граѓаните одамна разбраа дека во тој поглед треба да се воведе практика на наследување и за ЛГБТ членовите, да се регулира здравственото осигурување и посета на болници и се друго што не тишти, изјави Милетиќ.

Полицијата го окарактеризира Прајд како настан од висок ризик, но Милетиќ смета дека тој одамна не е толку ризичен.

-На нив е да проценат и да се занимаваат со тоа, но јас мислам дека по многу години тоа веќе не е небезбедна манифестација, истакна Милетиќ. 

Популарно