ЈСП: Неделен возен ред в сабота и понеделник

Од Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје информираат дека по повод државниот празник „8 Септември“ - Ден на независноста, в сабота и во понеделник ќе се работи по неделен возен ред.

За време на трите дена од продолжениот викенд, дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација на Транспортен центар, Ѓорче Петров и Зелен пазар.

- Жичницата ќе функционира вообичаено за време на викендот во сабота и недела, со работно време од 10 до 20 часот. Притоа, од 19 до 19:30 е последното возење од долу кон врвот, а во 19:45 часот е последно возење од врвот надолу. Во понеделник, 9 септември, жичницата нема да биде во функција, се наведува во соопштението на претпријатието.

Посебен режим на сообраќај во Скопје поради снимање на филм

Денеска од 6 до 18 часот ќе биде затворен мостот Беласица каде ќе се снима филм и Единицата за безбедност на патниот сообраќај во Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај.

Како што информираат од МВР, сообраќајот на улицата „Беласица“ (мост Беласица) периодично ќе се затвора на потегот од крстосница со улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ до крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје и ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Дел од Карпош утре без струја

Дел од скопската општина Карпош ќе остане без струја во текот на утрешниот ден, информираат вечерва од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

- Поради планирани зафати во електро-дистрибутивната мрежа, утре во периодот од 8:30 до 12 часот, без напојување со електрична енергија ќе останат дел од корисниците на улицата „Јуриј Гагарин“, се наведува во соопштението.

За една недела отстрането 91 непрописно паркирано возило во Општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје од 2 септември до 8 септември годинава со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 91 непрописно паркирано возило поради попречување на нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Од ЈП ПОЦ и Општина Центар информираат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар.

Популарно