Градоначалникот на Белград повторно зборува за селење на гробот на Тито од Куќата на цвеќето

Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ денеска повтори дека смета оти гробот на Јосип Броз Тито од Куќата на цвеќето треба да се премести на друга локација, но и гробовите на Моше Пијада, Иво Лола Рибар, Ѓура Ѓаковиќ, Иван Милутиновиќ треба да се изместат од Калемегдан. Тој предложи и четничкиот лидер Дража Михаиловиќ да добие споменик во Белград, јави дошисникот на МИА од Белград.

Шапиќ, во пресрет на седницата на Градското собрание изјави дека Градот не е одговорен за преместувањето на гробот на Тито и другите и дека последниот збор треба да го каже Министерството за култура.

-Не можам да влијаам на таа одлука, ниту градот Белград може правно или формално да влијае, но мислам дека изместувањето на Јосип Броз Тито од Музејот на Југославија (на Дедиње) е исклучително важна работа за српскиот народ и за иднината на оваа земја. Исто како и изместувањето на Моша Пијада, Иво Лола Рибара, Ѓура Ѓаковиќ, Иван Милутиновиќ од Калемегданската тврдина, од просторот што е наше најголемо културно наследство, старо 2.000 години, изјави Шапиќ пред новинарите во Градското собрание.

Тој додаде дека одлуката за ова ја носи Министерството за култура и дека Калемегдан е под заштита на Заводот за заштита на спомениците на Србија, како и дека и Музејот на Југославија е во надлежност на Министерството за култура.

-Она што можам да го кажам е дека јас лично и градските служби ќе помогнеме максимално доколку се донесе одлука да се изврши квалитетна ексхумација, овие тела да се префрлат таму каде што ќе одлучиме. Ако можеа Шпанците, по 44 години генерал Франко да го изместат на некои нормални гробишта, ние не сме варвари за разлика од истите тие болшевици и комунисти кои ги расфрлаа коските на генералот Дража Михајловиќ за да не знаеме каде се до денес, рече Шапиќ.

Тој потсети дека во 2003 година бил донесен закон со кој се изедначија Равногорското (четничкото) и партизанското движење во Србија и додаде дека е овластен за други работи и најави дека Белград наскоро би можел да добие споменик на четничкиот лидер или како што во Србија го именуваат- командантот на југословенската војска во татковината Драгољуб Дража Михаиловиќ.

-По ова собрание ќе поднесам иницијатива за изградба и поставување на споменик на генералот Драгољуб Михаиловиќ, мислам дека тој конечно треба да има споменик во Белград, тој да биде на достоинствено место во центарот на градот. Мојот предлог ќе биде на Теразијска тераса под Теразијската фонтана, рече Шапиќ.

Вјоса Османи: Барањата на Вучиќ не треба да се сфатат сериозно, тој не сака Србите да се вратат во косовските институции

„Барањата од Александар Вучиќ да не се сфатат сериозно“, рече претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Според Османи, претседатлеот на Србија не е вистински заинтересиран за враќање на Србите во институциите во Косово.

„Убедена сум дека кога Вучиќ зборува за враќање на Србите во полиција, во судството, во парламентот, тој всушност го користи тоа само како реторика за да го оттргне вниманието на демократскиот свет од она што навистина се случува, а што се негови залагања, залагања на неговата влада, на неговата армија во континуираната обука на паравоените сили кои имаат за цел само насилство“, рече Османи.

Вучиќ на крајот на минатата недела повика на реинтеграција на Србите во институциите во Косово, и бараше да се распишат нови локални избори во општините со српско мнозинство. Османи кажа дека е убедена дека тоа не се искрени барања на Вучиќ.

Грција ќе забрани издавање нови дозволи за краткорочно изнајмување во центарот на Атина

Забраната за издавање нови дозволи за краткорочно изнајмување во три квартови во строгиот центар на Атина ќе остане на сила најмалку една година, објави денеска грчката влада, истовремено зголемувајќи го данокот за изнајмување на такво сместување за одмор.

Како и многу други европски туристички дестинации, Грција се бори да ја балансира профитабилната индустрија управувана од онлајн платформите како што е Airbnb со потребите на локалните жители кои се соочуваат со недостиг на станови.

Недостигот на станови и зголемените трошоци за живот ги натераа властите да објават одлука овој месец за зголемување на даноците за краткорочни изнајмувања, забрана на нови дозволи во центарот на Атина и охрабрување на сопствениците на имот да се префрлат на долгорочни изнајмувања.

Грчката министерка за туризам Олга Кефалојани денеска најави дека забраната за ново краткорочно изнајмување во Атина ќе стапи на сила од 1 јануари 2025 година.

Дневниот данок на краткорочни изнајмувања и помага на земјата да се справи со влијанието на природните катастрофи поврзани со климатските промени. Во периодот од април до октомври ќе се зголеми од 1,5 на 8 евра, изјави министерот за финансии. Во зимските месеци данокот ќе се зголеми од 0,5 на 2 евра.

Министерот Кефалојани рече дека Грција годинава од туризмот очекува приход од 22 милијарди евра, што е уште еден рекорд. Таа во борбата против масовниот туризам најави уште една мерка – такса во висина од 20 евра за посетителите од бродовите за крстарење кои во екот на летната сезона ги посетуваат островите Санторини и Миконос, а ќе стапи на сила следната година.

Белград: 10-годишно дете паднало од прозорец на училиште

Белградската полиција денеска околу 16 часот добила пријава од основно училиште во Белград дека дете најверојатно паднало низ прозорец, објави Н1.

 Десетгодишното дете, како што дознава Н1, паднало од првиот кат на училиштето, од висина од пет метри.

На местото на настанот веднаш пристигнала брза помош и било пренесено во Ургентниот центар. Се утврдуваат и околностите под кои се случила оваа несреќа.

Популарно