Кривична пријава против тројца полицајци за неизвршување на судска одлука

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднел кривична пријава за кривично дело ,,неизвршување на судска одлука“ по член 377 од КЗ против Т.Л., И.Д. и Р.Т., полициски службеници од ПС ОН Битола во СВР Битола.

-На 02/03.06.2024 прво и второ пријавениот не постапиле по писмена наредба на Основен суд Кичево за спроведување на осудено лице во казнено поправна установа заради извршување на санкција утврдена со правосилна пресуда, заради издржување на казна затвор во времетраење од една година. Имено, откако претходно бил пронајден и лишен од слобода, осудениот А.А. од Кичево, од страна на прво и второ пријавениот бил спроведен до КПУ Затвор Битола, а откако од страна на вработен во затворот осудениот наводно не бил примен поради немање на слободни места во затворската установа, прво и второ пријавениот, без да изготват било каква службена документација, го пуштиле осуденото лице на слобода без одобрение на судот, кој ја издал писмената наредба. Наведеното го извршиле со претходно одобрение на третопријавениот во својство на одговорен, кој не издал наредба осуденото лице да биде доведено и задржано во ПС ОН Битола заради понатамошна постапка спротивно на член 15 од Правилникот за вршење на полициските работи во МВР, соопшти денеска МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди согласно своите надлежности и овластувања, како што е наведено во соопштението,  ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Т.Л., И.Д., и Р.Т. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

За 500 евра ќе ти ја уништам свадбата но зафатен сум до ноември

Средовечен Шпанец по име Ернесто тврди дека смислил генијален начин да заработи пари.

Тој објави видео на TikTok кое предизвика големо внимание кај корисниците, во кое детално ја објаснува својата идеја.

Ернесто тврди дека за 500 евра е подготвен да се претстави како „љубовник на невестата или младоженецот“ и на тој начин да ја откаже венчавката, односно да спречи „несакан брак“.

Тој стана тема број еден во неговиот град и вели дека на луѓето кои ја очекуваат свадбата им зборува како „најлошиот кошмар“ наместо како најсреќниот ден во нивниот живот.

За основна такса од 500 евра ќе се претстават како „љубовта на животот на невестата или младоженецот“, молејќи ги да ја прекинат свадбата и да побегнат со него.

„Ако се сомневате во бракот или партнерот, не сакате да се омажите, а не знаете да кажете не, не грижете се. Ќе ви ја откажам венчавката“, вели Ернесто.

Тој додава дека му треба времето, местото и датумот кога ќе се договара венчавката, а за останатото ќе се погрижи сам, пренесува Oddity Central.

Ернесто целата приказна ја започнал на шега, но наводно бил преплавен со барања од заинтересирани. Тој тврди дека наплатува 500 евра, во кои не се вклучени патните трошоци и доплатите за „неочекувани инциденти“.

На пример, ако некој му удри шлаканица, ќе бара повеќе пари. Секоја шлаканица чини 50 евра.

„Се обидувам да се сокријам, но свесен сум дека кога ме удираат, добивам повеќе плата. Значи, ако можам да одам побавно, одам побавно. Така заработувам“, објасни тој.

Човекот тврди дека бизнисот му цвета и дека е „распродаден до 2 ноември“.

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими грчката амбасадорка Филипиду

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Република Грција Софија Филипиду.

Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, на средбата беше разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, потенцијалите и можностите за унапредување на соработката, во функција на градење на добрососедство засновано на меѓусебна доверба и разбирање. Во таа насока, претседателката изразила очекување за поддршка од Грција на политиката за проширување и на нашите европски аспирации.

На средбата со грчката амбасадорка биле разменети мислења и за Преспанскиот договор и неговата имплементација, при што претседателката ја нотирала важноста од негова доследна примена од сите страни кои се обврзале на него.

- Претседателката Сиљановска Давкова на средбата ги реафирмираше заложбите за натамошно унапредување на партнерството и искреното пријателство со Грција. Таа ја нагласи добрата соработка во областа на одбраната, потенцирајќи ја важноста и од јакнење на економската соработка, трговската размена, инфраструктурното поврзување, како и соработката во областа на образованието, културата и туризмот, како предизвици на кои треба заеднички да се фокусираме во интерес на благосостојбата и зближувањето на народите на двете земји, се вели во соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Функционерските таблички во различна боја

Владата на денешната седница одлучи да почне постапка за промена на два закони - за сите службени возила да имаат регистерски таблички во боја различна од обичната. Со овие измени ќе се воспостави регистар за сите државни патнички моторни возила кои ќе бидат обележани со регистрации во посебна боја за да може да бидат забележани од граѓаните.

- На овој начин, веруваме дека ќе биде оневозможено нивното користење за приватни цели, со што дополнително ќе се зајакне транспарентноста и отчетноста на институциите на државата, напиша на Фејсбук директорот на служба за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.

Во минатото имаше бројни злоупотреби на службени возила за приватни, но и партиски цели.

Популарно