Дел од Карпош утре без струја

Дел од скопската општина Карпош ќе остане без струја во текот на утрешниот ден, информираат вечерва од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

- Поради планирани зафати во електро-дистрибутивната мрежа, утре во периодот од 8:30 до 12 часот, без напојување со електрична енергија ќе останат дел од корисниците на улицата „Јуриј Гагарин“, се наведува во соопштението.

Скопје меѓу десетте најзагадените градови во светот

Скопје утрово се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот. Според листата на IQAir воздухот е опасен за дишење, а индексот на загаденост е 153.

На листата на IQAir , Скопје е рангиран како шестти најзагаден град во светот по Лахор во Пакистан, Њу Делхи во Индија, Багдад во Ирак, Техеран во Иран и Ташкент во Узбекистан.

Министерот за животна средина Изет Меџити пред неколку дена изјави дека загадувањето е комплексно прашање кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки. - Со комплексот на мерки кои ги преземаме полека но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина, порача Меџити.

Како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура со што индиректно помагаат за почист воздух.

-Работиме интензивно на намалување на загадувањето кое е проблем. Точно е дека долго време Скопје и некои други градови во Македонија се високо загадени особено урбаните средини, но точно е и дека во последните години се намалуваат деновите во кои воздухот е најзагаден. Има и други мерки од Министерството и од Владата. Деновиве во функција ќе бидат ставени и средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра за подземна инфраструктура во сите општини кои досега не беа искористени, рече Меџити при посетата на депонијата Дрисла во Скопје.

Според анализите во повеќе градови, како што истакна, главниот фактор за загадувањето на животната средни се домаќинствата кои се греат со огревни дрва или со несоодветни горива. 

Готови резултатите од тестирањата на вработените во Зоолошка - познато дали има заразени со птичји грип

Направени се епидемиолошки анкети на сите 16 лица кои се доставени од список на ЗОО, соопшти ИЈЗ.

„На ден 21.10 согласно протоколите, направено е тестирање за птичји грип во Одделение за вирусологија во ИЈЗ референтна лабараторија, која е меѓународно акредитирана за дијагностика на инфлуенца грип од хумано и анимално потекло, на лице кое во епидемиолошката анкета има наведено дека 1 ден имало симптоми на покачена телесна температура.

Воедно е тестирано на ист начин и второ лице вработено во ЗОО кое не е на доставениот список од 16 луѓе вработени во ЗОО, но на ден 21.10 се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми“, стои во соопштението од ИЈЗ.

ИЈЗ извести дека по добиените резултати од спроведените тестирања, двете лица се негативни за птичји грип.

Посебен режим на сообраќај во Скопје поради снимање на филм

Денеска од 6 до 18 часот ќе биде затворен мостот Беласица каде ќе се снима филм и Единицата за безбедност на патниот сообраќај во Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај.

Како што информираат од МВР, сообраќајот на улицата „Беласица“ (мост Беласица) периодично ќе се затвора на потегот од крстосница со улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ до крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје и ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Популарно