Потпишан договор за унгарскиот заем: Парите ќе стигнат до крајот на неделата

Во Будимпешта е потпишан договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Во име на Владата, договорот го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Заемот, според министерката, се обезбедува по поволни услови, со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од 3,25 проценти.

- Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6 проценти и тоа е голема заштеда по буџетот по овој основ, односно заштеда на годишно ниво од околу 14 милиони евра. Дополнително и рочноста дава предност и помал ризик од потреба за рефинансирање, посочила Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека ваквите услови се резултат на политиките што ги води Владата, за што минатата недела е добиена потврда и од кредитната агенција „Фич“.

Делот  од заемот којшто е наменет за компаниите, според министерката, ќе биде пласиран исто така по поволни услови, што ќе влијае на отпочнување на еден инвестициски цисклус во приватниот сектор од над 500 милиони евра со кој ќе се обезбедат повисоки стапки на економски раст.

До крајот на неделата се очекува парите од заемот да бидат префрлени на сметките во земјата и потоа да почнат да се реализираат согласно планираното.

Дел од парите ќе одат за реализација на капитални проекти во општините. 

Унгарскиот кредит го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, а Законот за заем беше изгласан во македонското Собрание на 17 септември годинава.

Опозициската СДСМ го оцени унгарскиот заем како голем корупциски проект кој ќе го отплаќаат идните генерации и побара Законот да се носи по редовна постапка. Претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска одби да закаже седница со оваа точка на дневен ред поради што седницата беше свикана од страна на претседателот на Собранието Африм Гаши, а со неа претседаваше пратеникот Бојан Стојановски.

Според поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, политичката цена што можеме да ја платиме како држава за унгарскиот креди може да биде поштетна и поголема, отколку придобивките.  

- Секое едно задолжување треба да има поголема можност за дебата, да не се води во скратена постапка, рече Битиќи за телевизија 24, додавајќи дека еден преседан е што задолжувањето било предложено од пратеник на владејачкото мнозинство, а не од министерот за финансии, а втор преседан е што на расправата не се појавила министерката за финансии, туку заменикот министер од друга политичка партија.

Според премиерот Мицкоски, парите од заемот не се кинески, како што тврди опозицијата, туку се средства земени од земја членка на Европската унија. 

И унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на 27 септември беше во Охрид каде се одржа седница на двете влади, изјави дека парите не се од Кина. 

- Кинески заем и кинески пари не можеме да даваме, бидејќи Унгарија со Кина има договор сите пари кои доаѓаат од Кина да одат на конкретни проекти за развој во Унгарија. Кинески пари не можеме да ви даваме, а европски пари можеме и ќе ви ги даваме, рече Орбан на прес-конференцијата со премиерот Мицкоски. 

Почнува зимското сметање на времето, стрелките од часовникот се поместуваат еден час назад

Од ноќеска во три часот по полноќ почнува зимското сметање на времето со кое стрелките од часовникот ќе се вратат еден час назад.  

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето. 

Освен кај нас, зимското сметање на времето го применуваат и поголем дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.

Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент. 

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, која ќе биде поголема во западните делови каде што ќе има услови за појава на краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 30 степени. УВ индексот ќе достигне 6.

Во Скопје и околината ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб претежно северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 27 степени.

Правник ја искина универзитетската дипломата по предлогот на власта за измени на КЗ

Дипломиран правник ја искина дипломата по информацијата дека Владата на Собранието му предложи измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. Имено, на социјалната мрежа Фејсбук, правник објави фотографија од искината универзитетска диплома, истакнувајќи дека се срами каде завршил факултет.

„После предложените измени на Кривичниот законик дефинитивно се срамам каде сум завршил Факултет. Оваа диплома повеќе не ми е битна. Пи*ка Ви Матер“, стои во описот на објавената фотографија. 

Популарно